Оливера Зуловиќ, авторка на романот „Прирачник за солиден живот“: Би сакала денес да има повеќе деца како Љубо и Љубица, кои ќе реагираат на неправдите!

Оливера Зуловиќ, авторка на романот „Прирачник за солиден живот“: Би сакала денес да има повеќе деца како Љубо и Љубица, кои ќе реагираат на неправдите!

Објавена во: После „Школо“ // PR

Во рамките на саемската програма, издавачката куќа „Арс Ламина“, вчера (21 април), го промовираше македонскиот превод на романот „Прирачник за солиден живот“, во присуство на авторката Оливера Зуловиќ. Романот го претстави преведувачката Бисера Бендевска низ разговор со авторката.

„Прирачник за солиден живот“ е дебитантски роман за млади на Оливера Зуловиќ, со кој таа ја освои книжевната награда на реномираното списание „Политикин забавник“, за најдобра книга за деца и млади во 2022 година. Првпат од востановувањето на наградата пред 44 години, жири-комисијата за наградата едногласно одлучила да ѝ ја додели наградата на Оливера Зуловиќ уште на нивниот прв состанок, јавуваат српските медиуми за овој куриозитет. Инаку, македонскиот превод на романот е прв превод на странски јазик, по што следува преводот на словенечки јазик, кој ќе биде промовиран во рамките на есенскиот саем на книгата во Словенија, во ноември оваа година.

Книжевниот првенец на Оливера Зуловиќ е приказна за нежното пријателство помеѓу Љубица и Љубо и за нивната авантура со заеднички сили да ги преживеат, но и да ги поправат неубавите нешта во животот. Оваа топла книга пишувана низ призма на дете е наменета и за возрасните и за оние што сè уште не станале тоа.

„Прирачник за солиден живот“ е роман во цртички, при што фабулата е фрагментирана. На прашањето зошто се одлучила да ја искористи оваа форма за да ја раскаже приказната за Љубо и Љубица Бергам, Зуловиќ вели:

– Се обидував да најдам свој начин да се изразам, а начинот што го избрав е тој што ми стои, ми одговара, таа кратка реченица, кратка форма што е потполно исчистена од сè и има некоја своја тежина. Агендата не ми беше книгата да биде кратка или сочинета од фрагменти, туку, едноставно, формата го следеше мојот ритам за да го изразам тоа што сакав да го кажам. Така што, на крајот испадна добро што книгата помина убаво и кај возрасните и кај младите, а мислам дека кај младите помина и заради начинот на кој е напишана, затоа што младите денес ја избегнуваат литературата што бара многу внимание, а ова е книга што им се додворува, иако, повторно ќе кажам, мојата агенда не беше таква. 


Љубо и Љубица Бергам заедничкото време најчесто го поминуваат во еден светларник, од каде што преку двоглед ги набљудуваат становите од соседната зграда и така сведочат лоши работи што се случуваат зад затворените врати. Двогледот е неслучајно избран „реквизит“ во книгата на Зуловиќ, за кој таа вели:

– Двогледот е симбол за нешто што сакаме и не сакаме да го видиме, а двогледот во книгата е начин двата лика да ги видат работите одблизу. Затоа што ние се трудиме нештата да ги направиме да изгледаат подобри и посимпатични одошто се. А двогледот, всушност, влегува во најинтимните делови во набљудуваните семејства, при што се гледаат вистинската суштина и вистинските проблеми. И кога ќе се видат проблемите, сфаќаш дека твојот проблем не е единствен и најголем, а уште подобро е ако со тоа добиеш потреба да направиш нешто или да реагираш или да заклучиш врз основа на тоа. Така што, во случајот на Љубо и на Љубица, двогледот е начин да видат дека не се сами во своите загуби, туку дека има и други луѓе околу нив на кои можеби им е потребна помош. Јас би сакала денес да има повеќе деца какви што се Љубо и Љубица, значи да постојат деца кои реагираат и не молчат. За Љубо и Љубица тоа е мотив да се здружат во борбата против неправдите и мислам дека пораката е многу јасна, дека на тој начин овие двајца аутсајдери станаа мали херои. Сакам да верувам, макар и да е наивно, дека сето ова ќе влијае на некои идни возрасни луѓе да не молчат и да реагираат кога ќе видат неправда.

Авторката не ги штити своите јунаци од тешките теми како што се смртта и загубата. На прашањето дали треба децата да ги чуваме настрана од таквите теми или, пак, треба да се најде соодветен начин како да се разговара со нив за тоа, Зуловиќ одговара:

– Би сакала колку што е можно помалку деца да бидат затекнати од теми како смртта и загубата, односно помалку деца да се соочуваат со олку тешки теми, но животот неминовно е таков за некои деца и во тој случај, претпоставувам, тие многу рано учат некои работи за кои други, пак, ги доживуваат во друг подоцнежен момент. Во книгава го користев сопственото искуство – ние (со својот син, н.з.) отворено зборуваме, т.е. се обидуваме да зборуваме за случувањата и фактите и не се обидуваме да ги мистифицираме смртта и загубата со некакво небо или некаков друг живот, едноставно се трудиме да живееме најубаво што можеме во овој живот, да бидеме чесни, никого да не повредуваме. Така што, своето лично искуство експлицитно го искористив во оваа книга за обата јунаци. И едниот и другиот на свој начин се соочуваат со тоа што им се случува, а се имаат и меѓусебно за да им биде полесно и подобро. И тоа е пораката – доволно е да имате еден пријател во животот, покрај кого нештата што се тешки во животот ќе ви изгледаат полесни.


Книгата „Прирачник за солиден живот“ е достапна на штандот на „Арс Ламина“ на тековниот Саем на книгата, a и во книжарниците „Литература.мк“, со можност да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

*пр-објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: