Она за кое не се зборува, јас сакам да го напишам во моите книги: Интервју со младиот писател Јован Илиески
„Кога почнав да читам многу книги, сфатив дека има многу приказни кои што не можам да ги најдам да ги прочитам, па така, јас решив да ги напишам“, вака го започна разговорот со нас младиот автор Јован Илиески кој ја промовираше својата петта книга по ред. Истата е со наслов „Соба 610“, во издание на Култура, и го поставува прашањето: Колку може еден човечки ум да биде непредвидлив? За еден човек десет лица, безброј стравови, зошто бегаме од нив, а тврдиме дека знаеме сè... На крајот, колку ќе го чини злосторникот, ако биде жртва на сопствениот хаос?
За својата петта книга по ред вели дека е како негово петто дете. Тој е психолог и иден гешталт психотерапевт.
„Она што психологијата ме учи освен поздравото живеење, е и формирањето на психолошки профили на моите ликови кои што ги создавам“ - вели Јован.
Претходни негови книги се „Душа на парче хартија“, „Кругот на животот“, „Сенки на полноќ“ и „Ноќта кога ја напуштив Прага“. Книгите се интересни, мистериозни, го задржуваат вниманието сè до последната страница.
# Какво е чувството сега после завршениот книжевен проект, петта книга по ред, со наслов „Соба 610“? Како реагираат најблиските?
Најблиските секогаш ме поддржуваат и тука нема дилема. Веќе се навикнаа и излегувањето на мојот нов роман е речиси секојдневие, па само им ја чувствувам таа поддршка, не мора да ја изразат експлицитно. Самиот роман по себе, веќе се чита и тоа ме радува. И без тоа, доволен е еден човек да верува во тебе, а јас сум среќен што ја имам таа личност и има ли посилен ветар во грб од тоа?
# Од каде потекнува инспирацијата за книгите?
Секоја моја книга има различна приказна и како сум ги пишувал и од што сум се инспирирал за секоја од нив, е целосно различна динамика. Можам да зборувам за последната и тоа што ме инспирирало - на пример, менталното здравје и моменталната психолошка состојба на околината и пошироко. Она за кое не се зборува, јас сакам да го напишам. Психички и личносни растројства кои што тука сè уште се табу, јас сакам да ги раскажам.
# Колку психотерапијата која е твоја професија, ти помага за создавањето на ликовите?
Подолг е патот за да седнам на мојата фотелја како психотерапевт, но она што психологијата ме учи освен поздравото живеење, е и формирањето на психолошки профили на моите ликови кои што ги создавам. Богата стручна анализа на нивните доживувања, трауми, растројства - за поблиску да ги донесам до читателите. Во една реченица, пред да ја изучувам психологијата, сум имал одредени симпатии кон некои мои ликови, а некои сум ги мразел - додека пак, сега, ја разбирам приказната на секој лик и сакам да го разберат тоа и читателите.
# Да се вратиме на почеток. Како започна приказната за љубовта кон пишаниот збор?
Приказната е веќе доволно раскажана и сметам дека нема ништо особено, освен тоа што еден ден сум седнал и сум почнал да крварам во форма на зборови и реченици. Знаете, не ни паметам веќе од кога сум почнал да пишувам, затоа што ми се случува да најдам дома дневници и од мое рано основно образование. Љубовта кон пишаниот збор, пред да биде љубов, најпрво е нужна потреба. Мене не ми поминува ден без да напишам нешто и во тоа е убавината и проклетството.
# Што те мотивираше да започнеш со пишување на првата книга? Или која книга која ја прочита тој период беше тригер за своите мисли да ги преточиш во пишан збор?
Многу читав книги пред да се пробијам на книжевниот пазар. Ама, како што споменав, ниту една книга не ми била конкретна причина да почнам да пишувам. Напротив, кога почнав да читам многу книги, сфатив дека има многу приказни кои што не можам да ги најдам да ги прочитам, па така, јас решив да ги напишам. А, почетокот на секој кој што почнал да твори во рамките на уметноста е само една причина: само и само ако неговото срце биде вистински допрено.
# Колку се дружиш со пишаниот збор (покрај твоите книги) и која литература најмногу сакаш да ја читаш во слободно време?
Во последно време, искрено, сум навлечен на стручна литература во рамките на психологијата и гешталт психотерапијата. Психоаналитичкиот свет мене ме фасцинира, па некако, извесно време ја запоставив белетристиката и романите и се посветив на стручната литература. Но, додека читам романи, тоа претежно се трилери. Ги читам Себастијан Фицек, Линвуд Баркли, Елиф Шафак.
Неда Маретиќ