Оние со петки и ние со послаби оценки истовремено го стартувавме маратонот што се вика живот: Спејко за тинејџерските денови

Оние со петки и ние со послаби оценки истовремено го стартувавме маратонот што се вика живот: Спејко за тинејџерските денови

Тој е еден од најголемите симпатии на тинејџерките. Го гледавме во реално шоу „Големиот брат“, каде што победи, го водеше својот кошаркарски клуб, влезе во светот на моделингот, се проба и во музиката, повторно се врати во ново реално шоу, а сега е спортски директор во кошаркарскиот клуб „Куманово.

Дарко Петковски - Спејко ги освои симпатиите на сите со својот карактер уште во 2015 - тата, а денес освојува со својот ентузијазам и храброст да проба нови работи. Но, ние не би биле Хаштаг доколку не го навративме на деновите пред да стане популарен, односно на тинејџерските денови. Дарко ни откри случки од тие денови, кои ги знаат само неговите пријатели и кои своевремено му нанеле болка.

# Публиката те запозна во 2015, во реалното шоу „Големиот брат“. Колку ова натпреварување ти помогна да се пробиеш во светот на познатите?

Се наближуваат 5 години од почеток на шоуто кое ми го промени животот. Ќе оставам на вас да процените колку ова натпреварување на карактери ми помогна да се пробијам во светот на познатите како што велите.

# Дали како млад сонуваше дека ќе бидеш волку популарен и секако што сакаше да бидеш „кога ќе пораснеш“?

Популарноста е за тинејџерите, мојата цел е влијание. Не знам дали како мал сум бил свесен што е тоа популарност, за да ја посакам. Како тинејџер нешто се занесував, но филмот беше да запишам факс и да напредувам во спортот. Денес да, во јавноста ме знаат како победникот на популарното реално шоу „Големиот брат“, да не се повторувам цел Балкан гледаше и гласаше на што и ден денес сум благодарен, а популарноста се наметна сама по себе. Како мал сакав да бидам тренер.

# Се занимаваш со повеќе професии, но од која област е твојот идол во животот? 

Се занимавам со сѐ за што мислам дека ме бидува, амбициозен сум и тајната на мојот успех е моќта на потсвеста, нема нешто што може да се замисли, а да не може да се оствари, на било кое поле, во било кој период од животот на било кој. Моите идоли беа локални тренери кои ме тренирале и локалните профи спортисти, а во тинејџерските денови актуелните кошаркари од НБА лигата. Интересно е дури како „клинец“ прашав еден професионален кошаркар, кој нема да го откријам и со кој денес играм баскет, кој е неговиот идол, а тој ми кажа дека сам на себе си е идол. На ова јас прокоментирав „колку е глуп“, а денес сметам дека е нешто најпаметно што го имам слушнато, зошто го делам истото мислење со кошаркарот.

# Каков ученик беше Спејко?

Спејко беше одличен ученик во основно училиште, сам на себе си бев „врска за ургенции“, затоа што со училишната кошаркарска екипа од која бев дел бележевме успеси, па ми прогледуваа низ прсти. Немојте погрешно да ме сфатите, јас бев уреден ученик, редовен и активен на наставата, и посветен на сите предмети подеднакво.

Во средно – ситно, двојки, тројки како поените во кошарка, ќе убодев и некое слободно фрлање (кец). Сметам дека тие што имаа само петки и тие што имавме слаби истовремено стартувавме на стартно целната рамнина на маратонот што се вика живот. Ќе го истрчаат само оние кои имаат „мадиња“. Застарениот образовен систем ме фрустрира многу, затоа што се зема како фактор за успех, но според мене не е така, сведоци сме на многу случаи каде ученици првенци на генерации, денес се невработени и немаат правец во животот и обратно оние кои имаа слаби и „едвај“ завршија основно и средно образование да основаат империи. 

# Кога ќе се навратиш на тинејџерските денови која е најинтересната случка која и ден денес знаеш да ја препраскажеш?

Еве една што не сум ја раскажал до сега:

До мене во клупа седеше еден ученик, кој го стави наставничката на мое огромно незадоволство. Имав 9 или 10 години. Ученикот низ шепот ме праша што ме повеќе интересира, кошарката или училиштето, а јас искрено му одговорив дека кошарката ме повеќе интересира. (се наежив додека го пишувам ова) Тој крена 2 прста, наставничката го крена и кажа на цел глас (ќе го цитирам): „Наставничке Дарко ми кажа дека кошарката му е поважна од училиштето“. Моите врсници воздивнаа зошто сум се осмелил да го кажам тоа. Учителката со неверување ме гледаше, а соученикот ми се смееше зошто ги доби симпатиите, бидејќи тој се надоврза и кажа дека него училиштето му е на прво место, иако сите оценки му беа слаби. Нормално дека плачев, бев исмејуван, дури ме сметааа и за полош од него. Тој денес е уживател на наркотици. Кога би имал моќ да се вратам во школските клупи би седнал, до малиот Дарко и би му кажал дека тој ден заискрила искрата која се претворила во оган кој денес гори во градите на Дарко Спејко кој е жеден за победи на секое поле. Кој по професија е тренер по кошарка, кој водеше кошаркарска школа, а од таа школа денес излегоа професионални играчи, Дарко кој го финансираше својот клуб со свои средства во втора македонска кошаркарска лига и играше за истиот, а денес е спортски директор на прволигашот КК Куманово.

# Сега си симпатија на многу тинејџерки, но кога беше млад ти се случило ли некогаш да добиеш „корпа“ од девојче?

Кај мене во фамилија се знаело срам е да украдеш, да излажеш и да не почитуваш постар, но како тинејџер како сум можел да им објаснам дека има и срам од „корпа“ и е еднаков на сите тие три заедно (тинејџерски сфаќања). Па, не ми се случило да напнувам некоја девојка, ако не сум видел дека е заинтересирана за мене, повеќе срамежлив, помалку горд, ги искористував само добрите сигурни прилики. Денес позади мене е бурен љубовен живот, но со иста тактика, на спорстки жаргонски кажано „кец у кец“ или „гол на домашен терен“.

# Кој ти помагаше кога имаше љубовни проблеми?

Можеби најдобрите лекции животни ги научив на своја кожа, скршено срце е надобриот учител во тинејџерките денови. Со никој не разговарав за своите љубовни јадови, само преминував преку тоа и никој не забележуваше. Денес не можам тоа да го сокријам секогаш е посилно од мене, а еден мој другар, кој ми е другар од детството, толку се смее на моја сметка што и немам друг избор. Љубовта или врската е еден од столбовите на моето постоење и нешто што ме мотивира и што дава смисла на сѐ за кое се борам. За разлика од тинејџерските денови денес влогот е поголем и очекувањата исто така, па често примам совети од најблиските.

# На кој совет од тој период од животот се сеќаваш и дали се уште го применуваш во животот? 

Уфф тој период од животот и примање совети беа небо и земја, затоа што мислиш дека за сѐ ти си во право, дека знаеш сѐ и разбираш. Од едно уво ти влегува од друго излегува, но една мисла на мајка мѝ ми остана во глава и секогаш ми ја кажуваше кога ќе се разочарав во или од нешто, а тоа беше „Што е твое ќе си дојде“. 

# Сега да те вратиме малку на професионалниот план. Колку си задоволен од новото работно место како спортски директор на КК Куманово? 

КК Куманово е многу повеќе од тим од 12 кошаркари кои гинат на теренот, тоа е една голема организација во која секој си има свој удел и го дава максимумот за тоа што е задолжен. Мојата нова позиција носи многу предизвици, како клупски, така и индивидуални. Ако сте ја читале книгата „Лидер без титула“ сте разбрале колку е важно најпрво да го дадете најдоброто од себе за да успеете колективно, а потоа нема да ви биде потребно назначување за да дадете придонес. Јас би работел за овој клуб и како волонтер во било кој оддел. Пред 20 години тука ги направив своите први кошаркарски чекори. Задоволството е големо и очекувањата исто така.

# Знаеме дека досега работеше со млади и надежни кошаркари, но сега твојата улога е малку поинаква. Како оди прилагодувањето?

Досега работев со млади кошаркари од кои неколку се занимаваат и професионално, но сега работам на еден возрасен зрел човек кој секојдневно се едуцира, кој тренира за да биде секогаш во форма, да биде претставителен. Одамна ги има научено вистинските вредности, но се бори со страстите и победува, спортски ентузијаст кој е жеден за победи, но и лекции, мојот долгорочен проект на кој работам, а воедно и најтежок се вика Дарко Спејко.

# Кои се твоите планови за иднината? Ќе се обидеш ли и во некоја друга професија или си решен конечно да сопреш со експериментирањето?

Ако ги земам предвид плановите што ги имав за првата половина од оваа година и втората половина од предходната година, се пролонгираа поради глобалната криза, се трудам во блиска иднина барем да останам во добра форма да работам на личен развој и да останам здав и да примам благослов. Полека, но сигурно се прилагодувам на новата позиција, камерите во реалните шоуа за мене се исклучени овојпат, а останатото ќе го чувам во тајност. За мене нема кочница, само гас, па немојте да ме сфаќате сериозно доколку кажам дека нема да експериментирам одвреме на време.

# Кој хаштаг најчесто го користиш?

#kkkumanovo

Ивана Мисајловска


Можеби ќе ве интересира: