Онлајн-промоција на четири книги за деца oд психологот Христина Стефановска
„Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“ се четири психолошки прирачници за деца од авторката и психолог Христина Стефановска, кои ќе бидат промовирани на 28 мај (петок) во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Целта на овие изданија е да им помогнат на децата да ги препознаат четирите доминантни емоции кај себе и кај другите, да научат да се справуваат со нив и да ги канализираат на креативен начин. Книгите се дел од едицијата „Железница на чувствата“, а разговорот со Стефановска ќе го води уредничката Бисера Бендевска.
Низ лесни, едукативни и интерактивни приказни и активности, Стефановска ги насочува децата да се посветат на своите емоции и да работат на нивното прифаќање и трансформирање во нешто позитивно и корисно. Преку однесувањето и манифестирањето на емоциите на четирите лика - лутото еже Мешко, плашливото зајаче Ушко, тажното славејче Летко и среќната срничка Сончка, и преку придружните активности по секоја приказна, децата ќе научат да ги препознаваат и да ги разликуваат емоциите кај себе и кај другите луѓе, ќе стекнат увид во причинителите на емоциите, ќе откријат конструктивни начини за справување со емоциите и ќе создадат навика за корисно структурирање на слободното време.
Христина Стефановска е лиценциран дипломиран психолог кој исклучиво работи на теми поврзани со деца и адолесценти. Високото образование го завршува на Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Потоа, своето надградување го насочува кон часови по интегративна психотерапија под водство на д-р Благоја Јанаков, универзитетски професор. Се стекнува со сертификати од УСАИД, како и сертификати на теми за „арт и плеј“ техники во психотерапијата со деца и адолесценти, методи на процена на личноста на детето, процена и анализа на детскиот цртеж, превенција од врсничко насилство, ненасилна трансформација на конфликти, поддршка на родители на деца со посебни потреби итн. Таа е стручен соработник и дописник на интернет-страницата „Деца.мк“. Во рамките на оваа интернет-страница врши активно учество во рубриката „Прашај психолог“, каде што одговара на поставени прашања од читателите. Својата приватна практика со деца и адолесценти ја врши во рамките на здружението „Хармоничен свет“. Врши онлајн-психоедукација на јавната свест на теми поврзани со детска психологија, родителствување, воспитување итн., преку фејсбук-страницата „Детски психолог“.
Сите книги од едицијата „Железница на чувствата“ може да се најдат во книжарниците на „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk
* ПР - објава