Онлајн-промоција на „Македонски визуелен идентитет“ од Гордана Вренцоска

Онлајн-промоција на „Македонски визуелен идентитет“ од Гордана Вренцоска

Објавена во: После „Школо“ // PR

Книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ од македонската уметница, дизајнерка и професорка Гордана Вренцоска ќе биде промовирана онлајн во вторник (23 март) во 19 часот на страницата на „Фејсбук“ на издавачката куќа „Арс Ламина“. Ова дело е реализирано со поддршка на Министерството за култура и општина Виница, а е достапно во книжарниците на „Литература.мк“ и може да се нарача преку интернет-страницата www.literatura.mk


Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на изданието Филип Видиновски. Оваа книга, која произлезе од докторската дисертација на авторката со ист наслов, се занимава со македонската визуелна „генетика“ и ги истражува македонските визуелни културни традиции во ерата на брзите и драматични општествени промени. Вековната борба за македонски идентитет, како и барањето на македонскиот идентитет и културен „генетски“ код, станува видлива со бурните општествени промени и револуционерните движења кон крајот на 19 и во почетокот на 20 век, а се зајакнува со сувереноста, самостојноста и независноста на Република Македонија од 1991 година и потребата за определување на нејзината културна различност и идентитет во светски рамки. Во постмодерната ера, во која царуваат глобализацијата, интернетот, социјалните медиуми и визуелните комуникации, овој културен „генетски“ код е студиран во рамките на визуелната култура, низ призмата на народната култура и фолклорот (традиционален и урбан) од една страна и високата култура и уметност од друга страна, но и преку полето на поткултурите што се инхерентни за популарната културa и медиумите, и меѓусебното испреплетување на сите овие форми во современите визуелни комуникации. Во трудот се вклучени и три студии на случај од Шкотска, Норвешка и Русија.

Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на отсекот сликарство со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршила на колеџот за уметност и дизајн „Централ Сент Мартинс“ (Central Saint Martins College of Art and Design) во Лондон, како стипендист на престижната британска програма „Чивнинг“. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор во Скопје, под менторство на проф. д-р Антоанела Петковска. Реализирала 14 самостојни изложби и учествувала во многубројни групни изложби во Македонија, Полска, Велика Британија, Италија, Германија, Белгија, Хрватска, Австрија, САД, Кина, Србија и други земји. Победила на „Твинингс“ (Twinings) – натпреварот за дизајн на шапка во Велика Британија и е добитничка на престижниот грант за уметници на фондацијата „Полок-Краснер“ од Њујорк. Во 2018 година беше регионален победник на UK Alumni Entrepreneurial Award, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон. Членка е на здруженијата на уметници „УМ“, на ДЛУМ и на Македонскиот совет за дизајн.

Вренцоска работи како редовен професор по визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: