Онлајн промоција на „Миа во Амстердам“ (Јас сум Миа #2) од авторката Јана Мишо
Вториот дел од серијалот „Јас сум Миа“ насловен „Миа во Амстердам“ на младата авторка Јана Мишо ќе биде промовиран онлајн во четврток (20 август) во 19 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Изданието пред сè е наменето за тинејџерската публика и е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. „Миа во Амстердам“ веќе е во продажба во сите книжарници „Литература.мк“ и може да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.
Првиот како и вториот дел од „Јас сум Миа“ е фокусиран на дилеми и ситуации со кои се соочуваат денешните тинејџери. Онлајн промоцијата ќе ја води уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска Атанасова.
‒ Миа заврши со проблемите за време на школската година и сега оди на распуст во Амстердам да си прави нови проблеми. Приказната може да се чита без да го имаш прочитано првиот дел, затоа што има сосема нови, независни настани, со тоа што има ризик за откривање приказни од првиот дел. Овде Миа се учи да се потпре сама на себе, се соочува со дилеми што, иако се навидум едноставни во однос на комплицираниот надворешен свет, сепак ја учат како да се запознае себеси, што мислам дека е вештина која секогаш ти се наоѓа во животот. Има нови ликови, нова средина и нови, неоткриени таленти на Миа. Веќе ги добивам првите реакции на мејл и на социјалните мрежи и повторно многу девојчиња се пронаоѓаат, што многу ме радува, затоа што ја креирав за да биде паметна, талентирана, своеглава, аналитична и забавна. Тоа е супер огледало за млад човек – вели авторката Мишо за своето ново дело.
Првиот дел од „Јас сум Миа“ беше еден од најчитаните наслови за млади минатата година. Приказната за Миа почна со колумните на Јана Мишо објавени на „Хаштаг.мк“ (hashtag.mk) продолжи со првиот роман „Јас сум Миа“, и секојдневно расте преку социјалните мрежи и во комуникацијата со обожавателите. Почна како интернет-сензација со епизоди, а се развива во комплетно книжевно дело. „Миа во Амстердам“ е четврта книга на Јана Мишо, по „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ и првo нејзино издание за тинејџери.