Ораторката Ангела Петровска со силна порака: „Саздо можеше да биде било кое дете, можев да бидам јас“!
Веќе ја запознавте младата и талентирана ораторка Ангела Петровска, која за hashtag.mk си ја отвори душата и раскажа многу за нејзината љубов кон ораторство, сегашните активности и идни планови. Но, денес нема да се навраќаме на тоа.
Имено, Ангела вчеравечер се претстави на 17-тата по ред Ораторска вечер, која ја организира Клубот на оратори „Гарда на мудроста“, при СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“. За својот говор, освен громогласниот аплауз и стоечките овации од публиката, Ангела го освои и третото место, а веруваме дека откако ќе го прочитате нејзиниот говор тешко дека ќе ги задржите солзите.
„МЛАДИТЕ СЕ ИДНИНАТА НА ДРЖАВАТА, А НЕ СКАПАТА ЦЕНА ЗА ЛОШИОТ ПОЛИТИЧКИ ИЗБОР НА ОВОЈ НАРОД
“Бог да го прости, примете сочувство”, на 10 јули 2018год. овие реченици низ грчовит плач со тешко срце се одвојуваа од усните на стотина роднини, пријатели и другарите-комити на младиот Никола Саздовски. Траорна атмосфера и семејство претопено во црн понор. Река вардорови комити се беше разлеала од западната трибина, па се до вечното почивалиште на невиното 21-годишно момче.
Од срце се виори омилениот бајрак на Саздо, “ Боже, чувај ја Македонија”, семејството се дави во јад и тага, слушајќи ги за последен пат болните стихови од песната “Послушајте патриоти”. Епа патриоти до каде сме? Да ви кажам... сеуште ги држиме затворени сопствените очи и молкум само слушаме како Саздо бил невина жртва на матната, политичко-подземна катаклизма, а во меѓувреме не превземаме ништо, само продолжуваме да ги мешаме поимите комити, хулигани, навивачи, анархисти и напаѓачи. Дали била оваа, онаа или таа политичка гарнитура, комитите секогаш прават само проблеми и неред. А тие беа единствените во овој случај кои не замолкнаа пред несреќново чедоморсто. Велам чедоморство, бидејќи јас и вие како народ на оваа држава не превземавме ништо, нашиот молк само му дава се повеќе сила на системот. Ние кришно размененувавме збор два кој случајно сме го прочитале за Саздо на социјалните мрежи, а наспроти тоа комитите беа тие кои цврсто стоеа и бараа обелоденување на случајот, бараа одговори и бараа одговорност од истите тие кои се бореа за некорумпирано општество и слобода на медиумите. Тие не се хулигани, ниту анархисти. Тие се луѓе со страст и душа. Верници полни љубов кон својот народ и својата земја. И да, кога се работи за Вардар тие стануваат слепи, слепи следбеници на уникатениот, скопски бисер, кој за жал хунтата го повлече во своите политички и мултиетнички каши. Вовлечени во нашиот секојдневен, бурен виор на случувања-политичките бариери и меѓуетничките тензии се одразија и на културното, спортско поле. Денес не постои човек кој навивањето не го асоцира на неред и насилства, а после оваа лекција и на убиства. И повторно македончето што прави? Ја наведнува главата и бројчиња заокружува, од двете зла секогаш помалото. Гласа и наместо сигурна просперитетна иднина за своите поколенија, главата на младината во торба ја става. Но до кога? До кога ние младите ќе бидеме скапата цена за лошиот политички избор на овој народ? Лисиците кои ги гласаме, кои доаѓаат на власт и кои ги “носат” законите, не мислат ни малку на својот народ. Тие се зафатени со удобноста и топлината на своите кожни фотељи. Со своите коалициски партнери, вештите ловци ни ја исцицаа крвта на нас, но и на оној невин етникум со кој ни создадоа раздор. Законите и казните важат за нас, но не и за нивните семејства, нивните луѓе или пак нивните соработници. Како резултат на тоа умираат македонци, умираат невини албанци, крвари целата земја за сметка на лошите политички игри кои ги водат нашите избраници. Затоа луѓе освестете се! Аман отворете ги очите и кренете го својот глас! Да престанеме да бидеме слепо стадо кое го водат, да се соединиме и да го вратиме она некогашно братство и единство. Кога совеста ќе дојде во судир со законите, доаѓа до граѓанска непослушност. А тоа е лекот за оние лицемерни, неправедни и безчувствителни материјалисти.
Бидејќи, Саздо можеше да биде било кое дете, можев да бидам јас. Мајката на Никола можеше да биде било која мајка, можеби некоја од вас, доживотно заробена в темнина. На местото на семејството Саздовски можеше да биде вашето семејство, изгорено в црнина до века. Со секој ваш избор вие ја скицирате иднината на вашите поколенија. Во овој момент го чувстувам духот на починатиот Никола Саздовски, ме гледа, надежно ме слуша од некој агол во оваа просторија и молкум ме подржува во оваа моја борба. За него времето истече, но вие сеуште имате време, не дозволувајте песочниот часовник на вашето најмило да се распресне. Внимавајте да не дојде до ваков момент, кога би се оддавала почит на некој од вашите најмили... почивај во мир Никола Саздовски.“