Основците од Наум Наумовски Борче победија на третиот натпревар во кодирање на микробит уреди

Основците од Наум Наумовски Борче победија на третиот натпревар во кодирање на микробит уреди

Објавена во: Совети // School zone

На третиот по ред натпревар во кодирање  на микробит уреди победи тимот од основното училиште „Наум Наумовски Борче“ од Скопје. Натпреварот беше организиран во рамките на програмата „Училишта на 21-от век“ која што ја спроведува Британскиот Совет во соработка со Министерството за образование, а која што ја финансира владата на Велика Британија.

Училиштата од првата фаза на програмата беа поканети да ги предадат своите проекти електронски, а потоа стручното жири ги избра 17-те најдобри проекти за натпреварот во Скопје. Директорката на Британскиот Совет, Елеонора Запрова, во оваа прилика изјави: „Импресионирана сум од креативноста, тимската работа и ентузијазмот на учениците. Прекрасно е да се види како стекнатото знаење од програмата е применето во пракса. Децата умешно ги поврзуваат знаењата од различни предмети и на модерен начин доаѓаат до креативни и иновативни решенија за подобро утре”.

Победничкиот проект е наречен Паметен Град и се однесува на безбедно движење на луѓето со оштетен вид по улиците. Двете ученички кои го освоија првото место изјавија: “ Првиот програмер во светот била Ада Лавлејс и ние можеме да бидеме добри како неа”

Второ место освоија учениците од основното училиште Кочо Рацин Скопје, додека трето место им припадна на учениците од основното училиште 5-ти Октомври од Никуштак.

Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, го отвори натпреварот потенцирајќи дека ова е еден од нејзините омилени проекти. Таа истакна дека образованието е клучно за развојот на децата, и дополнително тоа им дава вештини и знаењe, кои се потребни за успех. Таа им порача на учесниците да уживаат во натпреварот и да учат едни од други, бидејќи со вештините кои ги имаат стекнато тие се веќе победници.

Советничката од Биро за развој на образованието, Гордана Јанакиевска изјави:  „Програмата во целост ги надополнува наставните програми по информатика во основното образование и овозможува учениците да стекнат вештини за критичко размислување, решавање и анализа на проблеми и кодирање, кои се базични вештини за 21-от век. Дидактичките материјали кои ги нуди програмата содржат методи за унапредување на креативноста, на логичкото и алгоритамското размислување, вештини кои се значајни и преносливи во други научни области“.

Првите две места од националниот натпревар во кодирање ќе имаат прилика да учествуваат на регионалниот натпревар што ќе се одржи во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан во април 2020 година во Тирана.

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: