Парите не сакам да бидат пресудни во моментот кога ќе треба да бидам со жената на мојот живот: 15 години без Тоше Проески

Парите не сакам да бидат пресудни во моментот кога ќе треба да бидам со жената на мојот живот: 15 години без Тоше Проески

Објавена во: Stars // Музика

Нѐ напушти на денешен ден пред 15 години. Остана запаметен по неговата скромност и хуманост. Миленик на сите генерации, обожуван на целиот Балкан. Тоше Прески на 16 октомври 2007 година трагично настрада во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, во Хрватска. Имаше само 26 години.

Песните на пејачот со ангелски глас сѐ уште се пеат, а доказ за тоа е и претстојниот концерт во негова чест закажан на 2 ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

- Правиме преговори со балкански ѕвезди кои ќе дојдат и ќе настапат со хитови од Тоше. Ако терминот им одговара, би требало да гостуваат Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ - изјавија за Женски магазин од Меѓународната Фонадија „Тодор Проески“. 

На концертот ќе биде промовиран и албум со негови досега необјавени песни насловен Secret place. 

Во последното негово интервју во емисијата „Вртелешка“, Тоше Проески отворено зборуваше за сериозните животни предизвици кои ги носи популарноста, за вистинските семјни вредности, за траумите кои ги преживеал со новостекнатите „пријателства“, за стилистите кои редовно го прозиваа.. Ова се дел од неговите изјави.

За вистинските вредности

Парите не сакам да бидат пресудни во моментот кога ќе треба да бидам со жената на мојот живот. Јас сум свесен дека вистинските вредности сѐ помалку се ценат. Не знам зошто сум бунтовник без причина, но од друга страна така сум воспитан, знам кои се вистинските вредности и дур сум жив ќе ги ценам и единствено ќе ми бидат важни.

За модните критики

Стилистот не е пресуден за успехот и тоа се покажа во мојата кариера. Сакам да се облекувам така како што најдобро се чувствувам.  Мислам дека на уметниците им е дозволено малку повеќе од тоа што некој „фешн гуру“ го замислил во моментот. Не сум човек кој ја гради кариерата на изгледот. Со текот на времето самиот си изградив стил. Сепак, музиката ми е најважна.

За темпото на работа

Максимално е и многу е тешко да се издржи. Шминкање, вадење шминка.. Пакување, распакување.. Преку глава ми е. Кога би можел да се телепортирам од концерт на концерт би бил најсвежиот човек на светот. Сакам да се тргнам настрана, но не можам. Машинеријата ме зеде во бубањ, како што велат старите. Нема враќање назад. За голема среќа многу ме радува што на сите тие концерти можам да се дружам со луѓето со кои енергетски се ревитализирам.

За пријателите

Секој слободен момент го користам во Крушево за дружење со старите пријатели. Тоа многу ме спушта на земја. Кругот на пријатели не ми е мал. Се трудам колку можам да ги негувам. Можеби не верувам во новостекнати пријателства поради неколку трауми кои ми се случија во животот во врска со тоа.


Објавена во: Stars // Музика

Можеби ќе ве интересира: