Патување по железницата на детските чувства со 7 сликовници од Маја Мишевска

Патување по железницата на детските чувства со 7 сликовници од Маја Мишевска

Објавена во: После „Школо“ // PR

Темнината не е страшна! Дружељубивоста е важна! Упорноста се исплати! Другарството е богатство! Ова се главните пораки на седумте сликовници од младата авторка Маја Мишевска, објавени под едицијата „Железница на чувствата“, во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгите ќе бидат промовирани денеска (6 јуни), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“, во рамките на првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура. Пред почетокот на промоцијата, ќе се одржи и работилница за деца, инспирирана од главните ликови во сликовниците на Мишевска. Промоторка на изданијата ќе биде Бисера Бендевска.

Серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, илустрирани од познатиот илустратор Тхе Мичо, се минијатурни бравури за предизвиците во растењето на секое дете. Напишани од дете за дете (деца), секоја од седумте приказни на Мишевска се заокружува со некаква поентичка, дорасната за возраста на децата за која се наменети. Па, така, низ убав јазик, јасни ситуации и шарени илустрации, секое дете ќе се идентификува со јунакот исправен пред некоја пречка, навидум голема и непремостлива, зад која го чека силна порака. „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“, „Бувот Оли“, „Делфинот Дуле“, „Слонот Кире“ и „Коњчето Искра“ нè учат за упорноста, другарството и дружељубивоста, за храброста, љубезноста и фантазијата на најубав можен начин – нежно и со многу љубов.

Приказната зад приказните на Маја Мишевска е благородна и многу интересна. Имено, кога Маја имала десет години, а нејзиниот брат Стефан бил петгодишно дете, забележала дека брат ѝ се плаши од темнина. За да му помогне да сфати дека темнината не е ништо посебно, Маја му раскажала приказна за бувот Оли. Така се родил истоимениот расказ. По таа приказна, Маја почнала да пишува уште неколку раскази за нејзиниот брат, што ќе му помогнат да се справи и со други нешта, на пример, првиот училиштен ден, потребата секогаш да се биде прв, да се биде постојано подготвен за секоја пригода итн. Маја сфатила дека нејзините приказни се податливи за споделување и одлучила да ги илустрира и да ги објави. Овие сликовници секому можат да му бидат од корист кога ќе му притреба самодоверба, поддршка, поттик, истрајност или, едноставно, кога ќе посака да си помине квалитетно време со забавна и поучна книга.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ е партнер за книжевната програма на првото издание на фестивалот „Видик“. Досега беа промовирани наградуваното дело „Коњски житија“ на Зоран Анчевски и хибридната инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука „Шарени ириси“ со текст на Јована Матевска Атанасова и илустрации на Симонида Филипова Китановска. Се одржа тематскиот интерактивен настан за фанови „Враќањето на Шерлок Холмс“, завршната изложба „Поглед кон Порта Европа“, со која „Арс Ламина“ го заокружи проектот „Порта Европа“, како и театарска изведба базирана на книгата „Железно небо“ на Марјан Георгиевски. Во „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“, од 3 до 16 јуни, е поставена изложбата „Страници на фантазијата“ со најубавите илустрации од книгите за деца во издание на „Арс Ламина“: „Си беше еднаш“ (Наталија Лукомска), „Нови бајки од Македонија“ (Орце Нинески), „Рокчето“ (Анета Илиевска), „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“, „Рекичето што сакаше да порасне“ (Ване Костуранов), „Бајки од Македонија“ (Катерина Николовска), „Мачката Мара шубара“ (Иванка Ниба) и „Шила“ (Калиопи Трпчева).

Следната недела следуваат театарската изведба на „Торонто експрес (Тибам штркот)“ инспирирана од книгата на авторот Зоран Спасов-Ѕоф (12 јуни, 19 часот) и мултимедијалната презентација на најновата поетска книга на Никола Маџиров – „Шестарот на времето“, што ќе се одржи на 13 јуни, во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Фестивалот во организација на „Литература.мк“, што трае од 16 мај до 16 јуни 2024 година, ќе ги обединува литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата. Со дваесетина настани, кои ќе се одржуваат во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, на публиката ќе ѝ се понуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори и проекти од областа на културата.

Сликовниците на Маја Мишевска се достапни во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk.

*пр-објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: