По повод Светскиот ден на детската литература, онлајн-разговор со професорката Весна Мојсова-Чепишевска

По повод Светскиот ден на детската литература, онлајн-разговор со професорката Весна Мојсова-Чепишевска

Објавена во: После „Школо“ // PR

По повод Светскиот ден на литература за деца, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“, на први април (четврток) во 19 часот ќе се одржи разговор со професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Весна Мојсова-Чепишевска. Целта на овој разговор е да се направи пресек на состојбата во домашната литература за најмладите и да се разгледаат прашања од типот колку денешните деца се заинтересирани да читаат и како семејството и училиштата можат да помогнат да се стимулираат читачките навики, и тоа во пресрет на овој меѓународен ден што се одбележува на втори април. Разговорот ќе го води уредничката во „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, која досега има работено на голем број книги наменети за деца, од македонски и странски автори.

Од десет, па сè до 18 години, Весна Мојсова-Чепишевска е член на Детското драмско студио при Македонската Радио-ТелевизијаНеколку години по завршувањето на средното училиште, додека студира, работи како презентер и водител во истата телевизиска куќа. Од 1990 година ја почнува својата универзитетска кариера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), каде што предава група предмети од областа на современата македонска литература и култура, a од 2010 година и книжевност за деца. Од 2002 година работи и како лектор по македонска литература и јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Член е на ДПМ (Друштвото на писателите на Македонија), а од 2018 година и на Претседателството на ова друштво, и на МСК (Македонскиот славистички комитет). Од 2019 година таа е и директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Весна Мојсова-Чепишевска има учествувано на многубројни семинари и симпозиуми. Авторка е на околу 350 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, како и на седум книги. Таа е и приредувач на седум антологии, од кои пет надвор од Македонија.
 
Светскиот ден на литература за деца се одбележува секоја година на втори април, роденденот на данскиот книжевник и писател на бајки Ханс Кристијан Андерсен. „Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малата сирена“, „Снежната кралица“, „Принцезата на зрно грашок“, „Девојчето со кибритчињата“ и „Палешка“ се само дел од неговите најпознати бајки, со универзални пораки, што се раскажуваат и се паметат со генерации. Неговите приказни се читливи, разбирливи и со децении наназад лесно ги пленат децата, но и возрасните.

* ПР - објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: