Подготвува концерт со кој ќе нè прошета низ нејзиното најубаво музичко време, но кои се најслушаните песни на Каролина Гочева на Јутјуб? (ВИДЕО)
Последните денови од јуни поминуваат во знакот на Каролина Гочева. Македонското девојче наголемо се подготвува за големиот концерт кој ќе го одржи на 1 јули на стадионот на АРМ. Со овој концерт, таа најави дека ќе нè прошета низ нејзиното најубаво музичко време, па со самото тоа концертот на отворено е наречен „Ајде да летаме“.
„После три години на мое огромно задоволство повторно имам концерт и тоа овојпат под отворено небо. Како што најавивме, ќе бидат опфатени најголемите хитови од целата моја кариера од различни периоди на моето музичко созревање, па кога го составував репертоарот бирав песни буквално од сите мои фази, такашто, ќе биде шаренолико. Изминативе три години, почнувајќи од концертите со Филхармонија, веќе и додадов некои од постарите песни во редовниот репертоар на настапите но ќе има и доста од тие кои одамна не се изведувани. Така што, ќе имаме еден двочасовен музички времеплов - почнувајќи од како што често ги нарекуваме “најубавите денови” до денес.“ - откри во интервјуто за Женски магазин.
Искрена како и секогаш, таа исто така издвои и кои песни ѝ се омилени: „Се случувало некоја да ми се допаѓа премногу додека ја снимам, па после да не ми е повеќе толку драга, а исто и некоја отпосле да ми прирасне за срце... но без сомнеж, од оние кои најмногу ме погодуваат кога и да ги пеам ми се „Капка под небото“ и „Кој да ми запее“.“
Но, дали овие песни се најдоа помеѓу оние со најмногу прегледи на Јутјуб. За да дознаете, погледнете во продолжение кои 5 песни на Каролина Гочева се најслушани на оваа платформа:
# „Више се не врачаш“ - 7.5 милиони прегледи
# „Две лири“ - 7.4 милиони прегледи
# „Мој је живот моја пјесма“ - 4 милиони прегледи
# „Ѕвона“ - 3.2 милиони прегледи
# „Кој да ми запее“ - 3 милиони прегледи
Р. Х.