„Полицискиот час - најголемиот непријател на секој спортист“: Кумановката Дијана за атлетиката

„Полицискиот час - најголемиот непријател на секој спортист“: Кумановката Дијана за атлетиката

Објавена во: Stars // Интервјуа

Дијана Вукановиќ е талентирана 15 – годишна девојка. Ученик е во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово, каде успешно заврши прва година. Со атлетиката се занимава веќе четири години и од првиот ден е член на Атлетскиот клуб Куманово.

Таа за Хаштаг откри дека љубовта кон атлетиката и се родила откако нејзината наставнична по Физичко образование ја однела на првиот натпревар. Од тогаш до денес, Дијана активно се занимава со овој спорт. Вели дека самата на себе си е идол и дека секогаш првенствено гледа да ги надмине своите лични успеси.

# Од каде љубовта кон атлетиката?

Со атлетиката ме запозна мојата професорка по физичко образование, Сузана Ивановска, која ме одведе на првиот натпревар каде го освоив и првиот медал. Потоа прерасна во голема желба за напредок.

# Кога започна да се занимаваш со овој спорт?

Во 2016 година започнав да го тренирам овој спорт во Атлетскиот клуб во нашиот град Куманово, кој е предводен од тренерот Филип Колевски. Најпрво започнав во детската група, а потоа прерасна во сериозна одговорност и посветеност.

# Колку години веќе активно си во атлетиката?

Со атлетика се занимавам веќе четири години.

# Која е твојата омилена област од алетлетиката? Која дисциплина најмногу те привлекува?

Од дисциплините во атлетиката најмногу ме привлекуваат трките со пречки. 100м со пречки, а од оваа година и 400м со пречки се моите главни дисциплини. Воедно сум државен првак во овие дисциплини во моја категорија.

# Секој млад човек има идол, па веруваме дека и ти. Кој е твојот?

Секако дека има повеќе спортисти на кои им се воодушевувам на нивната работа и посветеност, но сепак сметам дека најголемиот идол треба да сме самите на себе и напорно да работиме за да го надминеме.

# Кој е најголемиот успех што го имаш постигнато?

За овие четири години имам забележано учество на многу домашни натпревари. Исто така имам земено учество и на многу меѓународни напревари во Бугарија и Србија со доста солидни резултати. Во спортот најголем успех е да се победиш самиот себеси, дури и во најтешките моменти. 

# Имаш ли некоја омилена награда на која си особено горда?

Секако дека имам омилена награда. Тоа се медалите од традиционалниот атлетки митинг „11 октомври“ кој го организира нашиот клуб. Секогаш атмосферата е на највисоко ниво. Минатата година учествував во дисциплината 300м каде завршив прва по многу интересна трка со меѓународен карактер. На истиот натпревар завршив прва и во скок во далечина, каде бев најмладата учесничка.

# Има ли некој друг од твоето семејство кој се занимава со овој спорт?

Исто така и мојата сестра се занимава со овој спорт.

# Како ја одржуваше кондицијата за време на полицискиот час?

Полицискиот час беше најголемиот непријател на секој спортист. Моменталната состојба направи целиот свет да запре, но ние со тренинзите не. За време на полицискиот час тренинзите ги завршувавме дома со вежби кои ќе го заменат класичниот тренинг на терен.

# Каде се гледаш за 10 години?

Секако декa имам некои планови за во иднина на кои работам. Најпрво да прераснам во личност со која ќе се гордеат најблиските околу мене, а останатото нека остане во тајна засега.

# Кој хаштаг најчесто го користиш?

#akkumanovo

Ивана Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: