Пред 14 години беа миленици на тинејџерките: Денес сите се поклонуваат пред аудиовизуелните ремек дела на браќата од Некст тајм (ВИДЕО)

Пред 14 години беа миленици на тинејџерките: Денес сите се поклонуваат пред аудиовизуелните ремек дела на браќата од Некст тајм (ВИДЕО)

Објавена во: Stars // Музика

Браќата Стефан и Мартин Филиповски, познати како Мартин и Стефче од Некст тајм веќе 14 години се дел од македонското естрадно небо. 

Кариерата ја започнаа во 2008 година со песната „Не верував во тебе“, за набрзо потоа вртоглаво да се вивнат до ѕвездите, а за тоа доказ е што следната година станаа македонски претставници на Евровизија. Во Москва, Русија ги освоија симпатиите на сите обожаватели на најголемиот музички настан, пред сѐ со нивниот впечатлив изглед - бушавите пуштени коси.


Во тие години акрмијата обожаватели ги следеше насекаде, тинејџерките во тоа време „корнеа коси“ по нив, а на настапите во хор ги пееја стиховите од нивните песни. Веднаш по Евровизија им се случи и првиот солистички концерт - до последното место ја наполнија Универзална сала, а подоцна следуваа и сите останати успеси и безброј награди.


Три години по првиот албум „Next time“ го објавија својот втор албум насловен на „На крајот од денот“ во кој повеќе акцент ставија на авторската музика и покажаа колку имаат созреано музички низ годините.

Но, нивната кариера и популарност доби поголеми размери и вртоглаво се качи неколку скалила нагоре по објавувањето на преработката на „Ја излези Ѓурѓо“ во 2014 година. Таа година ги забележаа и повозрасните, познавачите на музика останаа изненадени од вокалните способности на Стефан, а љубителите на кинематографијата нивниот видео запис го оценија како краткометражен филм во кој ги споија минатото и сегашноста.


Повеќе од 9 милиони прегледи имаат на првата преработка, а по неа следуваа уште четири, од кои последната ја објавија завчера. „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам бабо“, „Јовка Кумановски“ и „Кога падна на Пирина“ добија уште еден живот што би рекле постарите. Стефан со својот глас и Ноколче Мицевски со аранжманот дадоа свој печат на овие комитски песни, а Мартин заедно со Огнен Шапковски создадоа ремек дела од видео записите.


Стефан за Женски магазин откри дека размислуваат и за авторска поп музика, но дека во тој поглед мора да се многу внимателни:

„Сметам дека кога правевме поп музика бевме популарни, но не бевме музички многу докажани. Со оваа музика почнавме музички повеќе да се докажуваме и тоа е предноста која ја доживеавме со годините. Би било меч со две острици, би било предизвик да видиме каква песна прва би извадиле, кога би правеле поп музика. Нормално, би биле возбудени за тоа, но тука е има и многу голема одговорност, пособено по овој проект. Ние сме спремни за предизвици, да не сме биле не би се нафатиле да правиме преработки на ваков тип на песни.“

Р.Х.

фото: Фејсбук / Вангел Тануровски

Објавена во: Stars // Музика

Можеби ќе ве интересира: