Пред 14 години стоев на сцената, не знаејќи дека еден ден ќе пеам: Давор Неќак за иксуството во Хрватскиот народен театар

Пред 14 години стоев на сцената, не знаејќи дека еден ден ќе пеам: Давор Неќак за иксуството во Хрватскиот народен театар

Објавена во: Stars // Интервјуа

Дека детскиот сон се остварува со упорност и работа на истиот, ни докажува младиот и талентиран студент од Македонија, Давор Неќак, кој студира на музичката академија во Загреб. 

Имено пред 14 години бил на премиера на балетска претстава во Хрватскиот народен театар, за која музиката ја напишал неговиот татко, реномираниот композитор Марјан Неќак, а на истата таа сцена на која се воодушевувал на играта и сценската магија на уметниците, оваа година ја имаше својата прва професионална улога и тоа ни помалку, ни повеќе туку во легендарното дело на Бизе - „Кармен“.

Своето оперско деби го има со улогата на Моралес и пред премиера споделувајќи фотографија од сцената на која стои како дете напиша - „Пред 14 години стоев на сцената на ХНТ, не насетувајќи дека еден ден овде ќе настапувам….“.


Ова беше доволна причина да поразговараме со Давор, за ХНТ, Загреб, колегите, оперското деби, но и за соработката со македонските музичари за кои пишува музика и ги работи аранжманите.

# Како дојде до тоа да си дел од едно од најпосакуваните дела на оперските изведувачи - Кармен?

Оперската куќа во Загреб објави аудиција за улогата на Моралес во операта Кармен, јас се пријавив, и после една недела добив одговор дека сум ја добил улогата. 

# Какво е чувството да се настапува во ХНТ?

Настап во загрепската оперска куќа е чест и привилегија за еден млад уметник, а особено за мене, бидејќи сѐ уште сум студент на музичката академија во Загреб. Чувството е незаменливо. 

# Каква беше соработката со колегите?

Морам да признаам дека односот на постарите колеги со мене беше многу отворен и за пофалби и за совети, како пред, така и по пробите, процесот беше навистина инспиративен. А, што се однесува до приватниот дел со колегите, кога барем половината од нив дознаа дека сум Македонец, веднаш ми приоѓаа и поставуваа прашања од типот - дали знам каде во Загреб се продава добар македонски ајвар, жолта лозова ракија, пинџур. Класика…

# Но, да се вратиме малку назад во времето пред 14 години, да им раскажеме на нашите читатели за еден детски сон?

Од моја најмала возраст сум го посетувал театарот, и не само претстави, исто и проби, а некогаш и први читачки проби! Се сеќавам на актерите што се појавуваа по претставите во бифето и ми се обраќаа со коментари како на пример - „Па дај веќе мене ми е смачена претставата, како можеш да ја гледаш толку пати...“ (Мислам дека ден денес ги паметам репликите од тие претстави). А за фотографијата, мајка ми ме сликала како спомен пред 14 години на сцената во загрепската опера, немајќи идеја дека следниот пат кога ќе застанам на сцената ќе бидам дел од репертоарот на загрепската опера. Пред 14 години беше премиера на балетот Данс Макабр, кореографија на Сташа Зуровац и музика на мојот татко Марјан. 

# Музичкото образование е поврзано со музичкото училиште во Битола. Кажи ни што истото значи за тебе и основите на твоето образование?

Нормално дека значи многу на професионален план, за развивање на мојот талент, јас би рекол секојдневно нововљубување во музиката. Главни виновници за моето музичко развивање се професорката по клавир во нижото образование проф. Татјана Божиновска и мојата професорка по соло пеење Маја Митровска. 

# Давор е студент на музичката академија во Загреб. Од каде идејата да студираш таму, какво е студирањето на една престижна Академија?

Да скратам, цел живот сум поврзан со Хрватска, мојот татко често работеше и сѐ уште работи таму, имам и хрватски корени! Не знам, она што треба да се случи, сигурно ќе се случи. Студирањето на академијата е прекрасно, има одлични услови, многу искуства кои се и тоа како важни за нашата професија која се гради на искуство и сигурност на сцена. 

# Неодамна беше промовирана песната на Тамара Стојковска, каде ти стоиш позади музиката и аранжманот. Каква е соработката со Тамара и каков е предизвикот за оваа музичка улога?

Па соработката со Тамара оди доста спонтано веќе 3 години, нормално дека предизвикот е секогаш голем, затоа што композитор на сите нејзини авторски песни досега сум јас, но јас и Тамара се препознаваме идејно на музички план, па никогаш досега не сум бил скептичен за нашите производи. Се надевам дека нема тука да застанеме.

# Син си на реномираниот композитор Марјан Неќак. Кој е најдобриот и најчестиот совет кој твојот татко ти го дал?

Само работа…

Инаку, Давор е дел и од џез оркестарот на музичката Академија, дел од академскиот хор на базиликата Срце Исусово во Загреб - Палма.

Неда Маретиќ


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: