Предизвик ни се подзаборавените хитови: Саксакустик со преработка за „Не ми го земај времето“
Иво, Иван и Никола момците од бендот Саксакустик објавија нов кавер. Овој пат како предзвик го земаат безвременскиот хит на македонската поп пејачка Калиопи Букле.
„Не ми го земај времето“ доби една поинаква изведба, а момците од бендот за подобро да ја доловат својата преработка се потрудија да направат и видео запис за кој беше задолжен Кристијан Ѓоргиев.
„Некако предизвик ни претставува да вратиме подзаборавени македонски хитови кои оставиле белег во свое време, а притоа да ја преработиме песната во поразличен аранжман кој ќе биде специфичен и ќе потсетува на САКСАКУСТИКС. Уживаме во реакциите на публиката која во свое време ја живееле истата песна.“ - истакаа младите момчиња.
Често кога прават кавери знаат точно да ја погодат вистинска песна, но велат дека не постои формула за тоа, едноставно се препуштаат на интуицијата.
„Секогаш кога ќе дојдеме на тема за нова преработка, некоја интуиција ни „кажува“ дека токму тоа е вистинската песна која ќе разбуди нешто кај луѓето и ќе допре до сите без разлика на восраста или друг критериум. Не постои некоја формула по која се водиме на таа тема.“
Овие успешни момчиња велат дека за завршување на цел проект од аудиото до видео не е потребно многу време, доколку си посветен на работата.
„Па не е потребно многу време за целиот процес. Доколку добро се организираат сите работи (а ги има доста, како нов аранжман на песната, снимање аудио, видео, организација на луѓето кои се дел од проектот), може за солиден период да се добие финалниот производ. Не е едноставно, но во еден месец може да се заврши целокупниот проект.“
И.М.