Препевањето ни здодеа, па почнавме да создаваме наша музика: Запознајте го младиот бенд Реприза
Реприза е релативно млад бенд на македонската музичка сцена. Го сочинуваат четири млади луѓе: 19 – годишниот Мартин Димитриевски, кој е пејач во бендот, а паралелно свири и гитара; Христијан Трајчевски е гитарист во бендот, но свири на многу повеќе инструменти и компонира музика од различни жанрови; Ангела Трајчевска, која првпат се појавува на сцената, а инаку учи соло пеење во ДМУ Битола и Борче Димовски, кој во бендот почнал свирејќи на кахон, но вели дека енергијата која излегува од тапаните не може да ја замени со ниту еден друг ударен инструмент.
Тие ја објавија нивната најнова песна „Иста слика“, а што открија за Хаштаг може да прочитате во продолжение.
# Како започна вашата приказна?
Приказната за Реприза започна зимата 2017 година. Баш тој период во Ресен, немаше бенд кој свири популарна музика. Ние започнавме со препевање на стари македонски рефрени кое на младите многу им годеше. Околу две години свиревме по локалните кафулиња и на некои поголеми настани како Преспанскиот Јаболкобер. Препевањето некако и ни здодеа искрено. Полека почна да се создава по некој стих, некоја гитарска прогресија и на крај песна, односно нашата прва авторска песна „Засукај Ракави“. По излегувањето на песната, целосно се посветивме на создавање своја музика.
# Кое е значењето на вашето име и кој беше кумот?
Кумот на името е Христијан (а Борче негов „хехе“). Значењето е дека од „Реприза“, секогаш ќе има реприза.
# Кој музички правец го свирите на вашите свирки?
Приоритет даваме на она во кое нас лично најмногу не исполнува. Не е возможно човек да создаде музика доколку не ужива во истата. Би рекле рок.
# Каде можат да ве слушаат нашите читатели, секако во услови кога животот ќе биде вратен во нормала?
Додека се врати во нормала планираме и албум да извадиме, така да планираме низ цела Македонија да сме достапни на публиката.
# Излезе вашата најнова песна „Иста слика“. За што пеете во истата?
Сите сме се нашле во ситуација каде доаѓаме до судир помеѓу своето и туѓото, ситуација каде туѓото не се менува и нѐ става во безнадежна, безизлезна емоционална состојба. Ситуација каде нашето не останува така длабоко врежано таму каде што сме го оставиле. Оваа ситуација е дел од процесот на создавањето и созревањето на нашата личност.
Но, „Иста слика“, различни приказни. Нашата приказна доловува лик кој се запрашува како да се доближи до сликата (туѓото), односно како се оддалечил од неа. Тој зборува, но со никој друг освен со самиот себе. Тој е слушан, но од никој друг освен од самиот себе. Убеден дека не може да направи ништо друго, освен да си потврди дека нешта не се менуваат, не може да ги напушти тие мисли. Во целата безнадежна ситуација, неговите внатрешни гласови му посочуваат дека би можело да се живее и без она кое што го посакуваме. Животот не би му бил ист, но става крај на мислите кои не му излегувале од глава долго време и ослободува место за нов почеток, нова авантура.
„Иста слика“ е прогресивна, модерна - рок песна, во која главни водечки елементи се живиот рок - инструментариум и текстот кој е поткрепен со музика која соодвествува на неговиот тек.
# Снимате ли кавери и доколку да, кој од веќе сниманите ви е омилен?
Официјални кавери не, но на социјалните платформи пример ТикТок, сме снимиле неколку видеа. Едно од тие кое ја допре публиката беше кратко видео од „Тоа не сум јас“.
# На кој познат бенд или пејач би сакале да му бидете предгрупа на концерт?
Само да се свири некаде. Доста е од камери.
# Кои се вашите планови за иднина?
Создавање музика.
# Дали планирате да го проширите бендот?
Да, имаме потреба од басист. Кико има само 2 раце
И.М.