Приказните во серијата се адаптирани за времето во кое живееме: Интервју со Роберт Насков - продуцентот на „Зоки Поки“
Во професионалното портфолио на Роберт Насков има многу филмови („Збогум на 20 век“, „Бал-кан-кан“, „Балканот не е мртов“, „Трето полувреме“, “Ослободување на Скопје”), повеќе бележити меѓународни копродукции, има и краткометражни филмови, популарни серии („Досие Скопје“ и „На терапија“), а првпат сега и детска ТВ-серија.
Од 4 мај започнува емитувањето на детската серија за најпознатиот домашен детски лик од истоимената книга на писателката Оливера Николова.
„Зоки Поки“, која беше задолжителна и омилена лектира во основното образование, сега обработена во 10 епизоди, режирани од Александар Поповски и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, во продукција на „Кино-око“, ќе биде пренесена на нова генерација деца.
# Како се случи „Зоки Поки“?
Во последно време повеќе ме интересира да се занимавам со телевизија. Ме возбудува моментот што со телевизискиот проект им влегуваш на луѓето дома. Голем предизвик е дали ќе ти дозволат да останеш во нивниот дом, покрај сите опции што ги имаат на располагање за поминување на слободното време. Дефинитивно постои голем недостиг на содржина за најмладите. Одамна мислам дека е потребна играна серија за деца. Кога разговаравме со Александар Поповски кој е следниот проект кој би го работеле заедно предложив тоа да биде детска играна серија. Тој рече дека треба да го екранизираме „Зоки Поки”. Две години подоцна, таа идеја стана серија која ќе се емитува на МРТВ од 4 мај.
# „Зоки Поки“ на Оливера Николова беше омилената лектира на нашето детство. Колку од неа има во новата серија?
Серијата е базирана на книгата, но приказните се адаптирани за времето во кое живееме. Секако дека пораките и вредностите кои се содржани во книгата се задржани. Неверојатно е како темите кои се напишани пред повеќе од половина век се сè уште вредни и актуелни. Тоа се должи на квалитетот на пишувањето на авторката Оливера Николова
# Како изгледаше, откако сте работеле со ѕвезди како Летиција Каста, на пример, да се работи со „децата од нашата улица“? Каков предизвик е работата со деца?
Голем предизвик, истовремено и голема одговорност. Нема поголемо задоволство од тоа да се работи со деца. Направивме навистина одличен избор на деца-актери со кои беше прекрасно да се работи. Секако за тоа голема заслуга има воспитувањето од нивните родители. Децата во денешно време имаат неверојатно голем избор на содржини на располагање. Беше навистина голем предизвик да се направи содржина која ќе им го задржи вниманието. Мислам дека направивме серија која децата ќе ја гледаат заедно со нивните родители и дека заедно, гледајќи ја, ќе поминуваат квалитетно време пред ТВ екраните.
# Каква оценка даде вашиот син за серијата?
Синот Андреј беше првиот критичар уште во фазата на пишувањето на сценаријата. Ни даваше совети во делот на видео игрите за да бидеме точни во изразите и називите на играта “Фортнајт”. Нему многу му се допаднаа приказните, иако неговата возраст не е главната целна група на серијата. Но, штом тој како 13-годишник ја одобрува, тоа значи дека сме на добар пат.
# Емитувањето на серијата ќе започне среде втората 30-дневна вонредна состојба, воведена поради ковид-ситуацијата. Дали е овој термин намерно избран или случајно се поклопија коцките?
Првичниот план беше серијата да ја прикажеме по завршувањето на изборите, бидејќи не сакавме емитувањето да се поклопи со кампањата. Во меѓувреме поради ситуацијата со вирусот, фазата на постпродукција се забави и многу работи беше невозможно да се изведат во планираниот период. Не сакавме да брзаме да ја завршиме серијата само за да ја емитуваме додека се луѓето во изолација. Никако не сакавме да наштетиме на квалитетот на проектот. Според тоа терминот е согласно можностите за завршување на серијата на начинот како што беше однапред планирана и замислена.
# Се чини дека, поради стартот на емитувањето на „Зоки Поки“, овој период за вас не е голема пауза, како што многумина други ги доживуваат карантинските денови. Како се справувате со оваа голема хибернација?
Пред сè, посветен сум на завршувањето на „Зоки Поки“. Но, сепак наоѓам време да се посветам на работи за кои никогаш немам време. Убаво е да се помине повеќе време со семејството. Уживаме заеднички да гледаме серии, филмови и да играме друштвени игри.
# Што се случува со филмските работници во овој период? Нив никој не ги праша како им се одразува корона-кризата. Тешко, претпоставувам, како и на сите други.... Запре ли оваа криза некои започнати проекти на „Кино око“?
Kризата погоди многу области меѓу кои филмската. Филмаџиите се исклучително погодени од ситуацијата и ќе биде потребно долго време за закрепнување. Друштвото на филмски работници и Агенцијата за филм изработуваат стратегија со мерки за помош на филмаџиите. Се надевам дека на овој начин ќе се ублажат последиците од кризата и дека ќе успееме полесно да го поминеме овој тежок период.
# Што мислите колку постпандемиски филмови по светов ќе се снимат по завршувањето на овој циклус од нашите животи?
Верувам дека ќе се изнагледаме многу постпандемиски филмови и серии. Очекувам оваа тема долго да биде инспирација за филмаџиите. Поголемиот дел од нив ќе се занимаваат со разни теории на заговор. Секој од нас ќе може да си ја најде „вистината“ за тоа што му се случи на светот изминатиот период.
# Какви ќе бидат постпандемиските филмови? Дистописки или, напротив, оптимистички?
Се надевам дека ќе бидат оптимистички. На светот му е потребен оптимизам. Секако дека после ова многу работи нема да бидат исти. Најважно е да извлечеме поука и да научиме кои работи се навистина важни. Дефинитивно е потребно рестартирање и редефинирање на начинот на кој функционира светот.
# Што е вашиот следен проект?
- Доколку дозволи ситуацијата посакувам пак да ја соберам прекрасната екипа на серијата “Зоки Поки” и повторно да снимаме. Навистина ќе биде голема штета да скокнеме една сезона. Веќе се готови сценаријата за втората сезона и се надевам дека публиката ќе биде во можност повторно да се забавува со авантурите на Зоки Поки и неговата дружина.
Јасна Франговска
Може да ве интересира: