Пример му е Тоше Проески: Онур Бекировски од Македонија со својата емоција ја освои сцената на „Суперталент“ во Хрватска
Онур Бекировски од Македонија во Загреб на сцената на „Суперталент“ го претстави својот вокал, а сите ги воодушеви со начинот на кој го отпеа хитот „Остала си увијек иста“.
Онур, инаку е 20-годишно момче кое почнало да пее на приредбите во основно училиште.
„Забележав дека малку се одвојувам од другите, мојата генерација не слуша музика колку што слушам јас. Се надевам дека настапот ќе биде емотивен и дека ќе поминам. Многу ми значи музиката, таа е мојот сон“ - кажа тој непосредно пред својот настап.
Членовите од жирито беа воодушевени од неговиот настап, а ова се коментарите кои ги доби: „Се исплатеше да патуваш од Македонија, да дојдеш во Загреб и да оставиш парче од душата на оваа сцена, уживав и чувствував.“; „Јас мислам дека остави големо парче од душата на сцена и ми беше навистина драго што дојде и те запознавме.“; „Сигурна сум дека оваа песна ја имаш посветено на некој, ти тоа го изнесе како со посвета, гледаме потенцијал во тебе. Ти имаш душа и некогаш тоа е многу подобро отколку добро испеан тон, ти имаш нешто што многу други луѓе го немаат и затоа добредојде“.
Бекировски по средното економско училиште се запишал на економски факултет и би сакал да го спои тоа со пеењето, со тоа што ќе си биде самиот на себе менаџер. Никој од неговото семејство не се занимава со музика, но тој ја обожува и не може да замисли ниту еден ден без неа. Веќе три и пол години работи со ментор, а тој уште на првиот час му посочил дека ја сака неговата боја на глас, емоцијата која добро ја носи и раскошот на неговиот вокал.
Примери во музиката му се Тоше Проески и Жак Худек, а му се допаѓа стилот на емотивни поп балади и би сакал својата кариера да ја развива во тој жанр. За пет години би сакал да стане познат пејач, иако има план да се занимава и со економија.