Професорската професија е света и одговорна задача: Музичкото училиште од Битола се закити со нови меѓународни награди
Долгогодишната традиција на успех на музичкото училиште од Битола, ја докажуваат бројните реномирани музичари кои произлегле од таму. Успехот го докажуваат и бројните признанија и награди, чија палета оваа година е надополнета со уште неколку меѓународни награди на професори и ученици на меѓународни натпревари едниот во Италија, а другиот во Русија.
Имено, „Трио Долче“ составено од Проф. Андријана Дукоска (виолончело) од Прилеп, Проф. Светлана Богданоска Ристоски (флејта) од Охрид и Проф. м-р. Марија Шамоска Буџаковски (пијано) од Битола, учениците Теона Буџаковска, „Дуо Муза“ – кое го сочинуваат ученичките Злата Даниловска и Љубица Здравковска, ги освоија највисоките признанија.
„Trio Dolce” оваа година одбележуваат 5 годишна плодна соработка. Изминатиов период успешно и активно концертираат со целовечерни концерти во многу градови низ нашата држава (Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид), поддржани од Министерство за култура на Р.С. Македонија. Во нивниот изведувачки опус може да се најдат и се опфатени композиции од сите временски епохи.
Професорката Марија Шамоска Буџаковски како професор по пијано во ДМУ Битола, работи веќе 15 години и како што самата ни кажа: „страста и љубовта кон оваа работа е иста како и првиот ден кога се вработив. Тајната на убавината на мојата професија е спојот на децата со музиката. Нивната прекрасна, чиста душа, секое со нов различен свет во себе, секое со посебна радост во очите од една страна и музиката со сите свои карактеристики од друга страна.“
Во нејзината класа има ученици со кои се гордее и со кои редовно оди на натпревари, учествуваат на концерти, семинари и сл. Некои од учениците кои излегле од нејзината класа се веќе студенти на познати светски универзитети, но никогаш не забораваат кога доаѓаат во Битола да ја посетат.
Лично смета дека професорската професија е света, одговорна задача која што им е доверена и дека треба достојно и со голема љубов да се негува.
„Sopravista“ е италијанска организација, специјализирана за реализација на меѓународни уметнички фестивали, нудејќи професионализам како еден од најпрестижните меѓународни фестивали низ цела Италија, токму на фестивалот организиран од нивна страна на кој учествуваа 200 натпреварувачи од целиот свет, македонското трио ја освојува првата награда.
„Секој изведувач, без разлика дали е солист или дел од дуо, трио, квартет и сл., работи напорно, вежба и вложува огромен труд за едно дело на крај да звучи онака како што треба да звучи финално. Тоа е еден подолготраен процес. Кога на крај тој труд ќе биде награден со награда, тоа е огромна сатисфакција за нас музичарите, поттик за понатамошно творење и инспирација“ - истакнува проф.Марија додавајќи:
„На италијанскиот натпревар „Future stars“, организиран од здружението „Sopravista“, трио Долче освои Прва награда и беше лауреат во својата категорија. Исто така, на овој натпревар бевме наградени и со вредносен ваучер од организаторите на натпреварот. За да бидеме дел од овој натпревар, услов беше да се испратат 2 видеа, секое во времетраење од максимум 4 минути, преку што би ја покажале својата умешност како пијано трио.“
Помеѓу 200 натпреварувачите од 31 земја учесник, ова Трио беше единствениот претставник од нашата земја.
Трио Долче има широк опус на програма која ја има изведувано во многу градови во Македонија, но програмата која што била условена со пропозициите на овој натпревар била составена од :P.Gaubert: Trois aquarelles III.Serenade и A.Piazzolla: Oblivion.
# Кажете ни нешто повеќе за меѓусебната соработка во триото?
М.Ш.Б. Таа соработка започна во 2016 година, кога на заедничка иницијатива го формиравме овој состав ( флејта, пијано, виолончело ) кој како таков е единствен во нашава земја. Откако е формирано, триото успешно и активно концертира со целовечерни концерти во многу градови низ нашава држава (Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид).При реализацијата на тие концерти ние сме редовно поддржани од Министерство за култура на Р. Македонија. Во нашиот изведувачки опус се опфатени композиции од сите временски епохи со кои го потврдуваме третманот на сеопфатност во нашата концертна дејност како трио.
# Организатор сте на Пијанофест натпреварот, заедно со професорката Јана Четелева Белевска. Како се роди идејата за основање на истиот?
М.Ш.Б. Да, точно. "Пијанофест" е меѓународен натпревар по пијано кој што е создаден со многу љубов. Љубов кон пијанизмот, љубов кон нашиот град - Битола, љубов кон нашата земја.Ова е натпревар кој што своето прво издание го имаше во 2019 година, а го организираше здружението на пијанисти и музички педагози " Пијано" - Битола чии основачи сме јас и мојата драга колешка Јана Четелева Белевска, исто така професор по пијано во ДМУ - Битола. Здружението " Пијано" за цел има да организира културни настани поврзани со пијанизмот и пијаното и да го подигне културниот дух во нашиот град преку организација на различни активности. До сега ова здружение има реализирано семинар по пијано со туркменистанскиот пијанист - маестро Рустам Рахмедов, семинар " Пијано продиџи-секое дете е продиџи", концерт по повод Денот на пијаното 2019, а како главна активност на здружението е организацијата на меѓународниот натпревар по пијано " Пијанофест" кој што полека но сигурно станува бренд на Битола а со тоа и препознатлив синоним за нашава држава. Голем број на учесници од многу земји учествуваа на првиот " Пијанофест" 2019 и постигнавме огромен успех како натпревар кој за прв пат се одржа таа година, но на овогодинешното издание на натпреварот успешноста се подигна на уште повисоко ниво, со 20 земји учеснички и околу 150 учесници од цел свет. Поради пандемијата " Пијанофест" 2020 беше он лајн со цел во оваа лоша ситуација во која уметноста е донесена во " ќор сокак" а младите уметници немаат каде да ги презентираат своите инспирации и таленти, сакавме да бидеме една светла точка, еден стимул и надеж за што побрзо да се надмине овој период а љубовта и заинтересираноста, страста кон музиката да се задржи и покрај се. Според големиот број на учесници, видовме дека оваа наша идеја вроди со многу плод и настанот помина многу успешно.
# Која е целта на натпреварот и со какви предизвици се соочувате при организација на истиот?
М.Ш.Б. „Пијанофест“ е натпревар од меѓународен карактер, па еквивалентно на тоа, неговата примарна цел е размена на позитивни искуства помеѓу пијанистите од цел свет, откривање на нови таленти, развивање на натпреварувачки дух кај натпреварувачите, стимул за младите пијанистички надежи, поттик кон нешто ново, подобро, помодерно. Овој натпревар е еден "модерен" натпревар по пијано и тој е предизвик за нас како пијанисти, погледот кон пијаното и свирењето.
Дека крушата под круша паѓа се доказ уште неколку награди во семејството на проф. Буџаковски, имено нејзината ќерка Теона освојува 1 награда – лауреат во категорија соло пијано 7-8 години на италијанскиот натпревар, а на натпреварот „Magic Musa“ Москва, Русија чии организатори се здружението „АртИст” (Москва, Русија) и Центарот за продуценти „ГолденАрт” (Москва, Русија), освојува 1 награда, како и специјална награда за „Млад талент“ + награда за учество го жири комисија на натпреварот „Ars Astra“ во април 2021.
13 члената Жири комисија во чиј состав состав беа и Андреј Дубов, пијано (Москва, Русија), Павел Шатски, пијано (Москва, Русија), Паола Монтемуро, пијано (Матера, Италија) и др. ги оценуваа перформансите на учесниците преку музичкиот перформанс, техниката, точноста на текстот, соодветноста на комплексноста на избраната програма, нивото на конкуренција, квалитетот на звук, како и Музикалноста на кандидатите.
Во музичко училиште Теона се запишува на 6 години и сега е 3та година. Започнувајќи со солфеж, на 7 години започнува да изучува и пијано во класата на м-р.проф Јана Четелева Белевска која што исто така е многу заслужна за успесите на Теона.
„Секоја награда за мене има посебно значење. Секоја е убава и предизвикува огромна среќа кај мене, бидејќи е доказ дека вежбам правилно и добро напредувам“ - ни кажува Теона и додава:
„Вежбам најмалку по 30 минути до 1 час скоро секој ден. Вежбам или сама или со мојата мајка која предава пијано во ДМУ - Битола и е моја најголема помош и поддршка при вежбањето.“
На натпреварот во Италија имало 200 учесници, а на другиот натпревар во Русија, учествувале и над 200 учесници најмногу од таа земја.
„За да учествувам требаше да подготвам 2 дела со вкупно траење од 5 минути и во тие 2 дела да покажам како знам да свирам. Исполнив дела од М.Бобер : Полноќна Рапсодија, Ј.С.Бах : Жига и " Колумбина и Арлекин " од бугарскиот композитор К.Милетков.“
Прв натпревар на кој Теона учествувала бил „Арт Ин Велес“ на кој што ја зема највисоката 1ва награда во нејзината категорија.
Т.Б. Потоа следуваше натпреварот „Пијанофест“ на кој што освоив специјална награда 100 поени и сега еве последниве 2 натпревари - „Music Muse“ - Русија каде освоив 1 награда + специјална награда „Млад Талент“ која што ја добив само јас на целиот натпревар, како и специјална награда за учество во жири комисија на натпреварот „Ars Astra“ кој ќе се одржи во април 2021. „Sopravista: Future stars“ - Италија беше последниот натпревар на кој што исто така освоив 1 награда, а како лауреат во мојата категорија ме наградија со смарт часовник кој што едвај чекам да пристигне. Значи до сега имам освоено четири први награди .
# За што следно се подготвуваш?
Т.Б. Моментално спремам нова програма која што кога ќе биде целосно подготвена, повторно би ја претставила на некој натпревар, но се надевам дека тоа овој пат ќе биде „во живо".
# Каков е предизвикот на онлајн натпреварите?
Т.Б. Он лајн натпреварите се интересни поради тоа што на нив имам можност да се натпреварувам со деца од цела земјина топка, а и убаво е бидејќи ми се дава можност да учествувам на натпревари каде што можеби не би можела физички да одам поради далечината.Во ова време кога не се дозволени натпревари со физичко присуство, он лајн натпреварите се најубав начин да го покажам моето свирење.
Инаку Теона е ученичка во основното училиште „Елпида Караманди“ и е 3 - то одделение Нејзина најголема поддршка како што ни кажа, покрај семејството и наставничката по пијано, и е нејзиниот наставник Иле Јовановски, со кого редовно си разговара за нејзините успеси по пијано и пливање.
„Тој е мој пример и мотив за успех. Исто така имам голема среќа на училиште да имам најдобри другарчиња кои заедно со мене се радуваат на моите успеси, како и јас на нивните. Затоа се пријателите. Јас освен што свирам пијано, обожавам и пливање.Тој спорт го тренирам уште од 5 години во СПД "Олимпик" - Битола со тренерот Кире Марков и имам освоено 7 златни медали, 3 сребрени и 1 пехар.“
Успехот на проф. Буџаковски продолжува и со награденото дуо чии ученички се во нејзината класа. Ова дуо го сочинуваат Злата Даниловска ученичка во 4 клас и Љубица Здравковска ученичка во 3 клас и двете ученички во Државното музичко училиште од Битола. Тие заедно музицираат од 2018 година под менторство на м-р.проф.Марија Шамоска Буџаковски. Ова успешно дуо веќе е добитник на две специјални награди ( 100 поени ): на меѓународниот натпревар по камерна музика во Кавадарци 2018 година, како и на Државниот натпревар во 2019 година.
Тие ја освојуваат 1 награда – лауреати во категорија дуо пијано 17-19 години.
„Чувството е неописливо, неизмерно сме среќни, исполнети и мотивирани, посебно што на натпреварот учествуваа 200 натпреварувачи од 31 земја меѓу кои Шпанија, Италија, Полска, Русија и други, поделени во повеќе категории според возраста на натпреварувачите ,како ис поред номинацијата во која учествуваа“ - велат Злата и Љубица.
Вообичаено натпреварите пропишуваат програма и колку истата треба да трае согласно категоријата во која се пријавуваат.
„На овој натпревар програмата беше по слободен избор на натпреварувачите. Снимениот видео материјал се поставува на линк кој се испраќа до организаторот при аплицирањето, на овој начин функционираат on-line натпреварите. Ние ги изведовме делата „Орфеј и Евридика" од Кристоф В. Глук и „Sabre Dance“ - Танцот на сабјите од Арам Хачатурјан.“
# Колку награди сте освоиле до сега?
Како пијано дует досега сме освоиле две специјални награди: на меѓународниот натпревар по камерна музика во Кавадарци 2018 година, како и на Државниот натпревар во 2019 година, и актуелната I место -лауреати на Меѓународниот натпревар Соправиста 2021. Како соло пијанисти, и двете сме учествувале на многу натпревари и дома и во странство и имаме освоено 20тина награди , секако први,втори и трети.
# За што следно се подготвувате?
Големиот план ни е да организираме концерт на Дуо Муза . Се надеваме дека сцената ќе биде наша за да можеме свечено да ги заокружиме трите години во кои го делиме пијаното, во присуство на публика. Секако, тоа најмногу ќе зависи од состојбата со пандемијата. Доколку протоколите и мерките не дозволуваат, на идеја сме да направиме видео запис од концертната програма.
# Кој е предзвикот кај онлајн натпреварите?
Има и предности и недостатоци. Предност е можеби што се елиминира тремата бидејќи не е настап во живо, директно пред очите и ушите на жирито. Но, снимките и звукот никогаш неможат да ја доловат целосната слика која сме успеале да ја создадеме со изведбата и тоа е голема штета за нас. Сепак, во оваа ситуација ваквите натпревари за нас се особено важни за понатамошна стимулација.
Sopravista International Festival годишно организира меѓународни фестивали и натпревари, на кои учесници од целиот свет имаат можност да го покажат својот талент и имагинација, своите вештини и работни резултати, да ги задоволат потребите за креативно самоизразување и естетски развој. Натпреварот се одржува со цел да се идентификуваат и поддржат талентирани деца и млади, да се популаризира уметноста, како и да се откријат нови имиња и таленти од областа на уметноста, да се подобри професионалното ниво на наставници, да се развие толеранција кај младите и соодветно разбирање на други култури, начини на самоизразување и манифестирање на сопствената индивидуалност, размена на искуство и репертоар.
Оваа година, овој натпревар се одржа во периодот јануари/февруари 2021.
Неда Маретиќ