Промовирана интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ

Промовирана интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ

Објавена во: После „Школо“ // PR

На настанот авторката Александра Тодоровиќ истакна дека ја радува што промоцијата на книгата се одржува во „Литература.мк“, каде што таа работела кога почнала да се развива идејата за приказната.

– Многу ми е мило што промоцијата се случи во книжарницата во којашто некогаш работев и каде што оставив парче душа, за да ми се врати вчера помножено со илјада. Сè добро се заврши, иако денот беше неизвесен и тежок, со обилни врнежи од дожд, прекин на електричната енергија во централното градско подрачје. Како своевидна симболика за патот на книгата додека излезе од печат. Делото се подготвуваше долго време. Имаше долг процес на истражување, пишување, илустрирање и уредување. Потоа почекавме да се создадат и услови за промоција каква што ѝ прилега на оваа книга. Љубопитните дечиња, нивните искрени и топли очиња, како и разиграните насмевки на сите гости на настанот, ми покажаа дека вредело секое чекање и секоја неизвесност – истакнува таа.„Мистериозниот град под калето“ е книга посветена на Скопје во периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. По првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго.– Професионално се занимавам со книги веќе 20 години и точно знаев што недостига на пазарот кај нас. Знаев дека фалат ваков тип теми, многу значајни за развојот на децата и младите. Со оваа книга сакав да помогнам во промоција на нашето културно историско минато, за домашната публика, но и за сите туристи кои ја посетуваат нашата земја. Книгата наскоро ќе добие и англиска верзија, која ја чекам со нетрпение... Во литературата треба да има континуиран развој и секогаш да се вметнува нешто ново. Треба да се задржи, пред сè, вниманието на децата, кои, мораме да признаеме, живеат во сегашност многу поразлична од нашето детство. Инаку, Скопје отсекогаш ми бил радост и причина и предизвик за многу убави нешта. Се одлучив да напишам книга за историјата на мојот град, пред сè, поради вљубеноста во едно време, во тој неверојатен микс на култури што му даваат таков шмек на Скопје, по што се издвојува од сите други – вели таа.„Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“. Во неа се обработува османлискиот период на Скопје.

– Со овој период, всушност, ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија, има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје – вели авторката, за која ова е трета книга, а  веќе подготвува и нови изданија.Промоцијата во книжарницата следуваше по онлајн-презентацијата пред неколку месеци.„Мистериозниот град под калето“ веќе може да се најде во сите книжарници на „Литература.мк“ низ земјава, како и да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Интерактивната книга за деца посветена на Скопје, „Мистериозниот град под калето“, од авторката Александра Тодоровиќ, беше промовирана вчеравечер (10 јуни), во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Делото, кое е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“, е илустрирано од Марко Јанев, автор со богато професионално портфолио, кој живее во Виетнам. Промоцијата, која се одржа на терасата на книжарницата, ја водеше Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“.

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: