Промовирана книгата „Бадникарски скопски приказни“ од Мојсо Мојсовски
Во неделата на 05.03.2023, во култната скопска кафана "Лира", бардот на македонското новинарство Мојсо Мојсовски ја промовираше неговата трета книга " Бадникарски скопски приказни " со која дефититивно се етаблира меѓу хроничарите на нашиот град Скопје.
Бадникарски скопски приказни не се само приказни за Скопје, ниту пак се само приказни за Бадник. Ниту пак се само приказни. Ова четиво е Енциклопедија на еден град, Библија за едно време, Бела книга за оваа генерација скопјани и Учебник по историја за идните поколенија.
Авторот е веќе познат на пошироката публика, докажан со своите две претходни изданија, а ги пишува и издава на секои десет години, 2003, 2013 и 2023 и тука сигурно има некоја симболика во бројките. Признат од страна на љубителите на убавиот и едноставен пишан збор. За оние кои помалку го познаваат, иако не верувам дека има такви меѓу нас денеска.Мојсо Мојсовски е потомок на првите македонски учители, син на Ѓорѓија Мојсовски од Учителската школа во Скопје. Како непишан аманет од човекот кој ги описменувал првите генерации по Втората светска војна, останало неговиот наследник да остави Запис како сведоштво на едно време кое сите ние со помалку или со повеќе полни гради го проживеавме за жал, односно за среќа сеуште го живееме. Едно време на кое и покрај тоа што историјата го бележи како бурен период во кој се распаѓа една а се создава нова држава сите ние со носталгија се сеќаваме. И ако ви треба ударна доза носталгија тогаш со „Бадникарски скопски приказни“ сте го погодиле лекот.
* ПР - објава