Прв македонски долгометражен филм за деца „Стела “
По едногодишни интензивни подготовки, продукциската куќа „Дрим Фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ го најавуваат почетокот на снимањето на првиот македонски долгометражен филм за деца „СТЕЛА“.
Снимањето, ќе се одвива на територијата на Македонија и тоа во Скопје, а потоа продолжува и во живописниот Галичник, како и во Штутгарт – Германија, истакнува продуцентот Огнен Антов.
„Стела“ е приказна за едно куче - шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е... Откако детето Николa ќе се обиде да се самоубие поради „булинг“ во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.
Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12 годишниот Петар Маниќ (кој е за прв пат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски.
Долгометражниот игран филм „СТЕЛА“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, филмскиот проект „СТЕЛА“ поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“, а горд спонзор на филмот е Витаминка.
За прв пат во Македонија филмот СТЕЛА се реализира како прва ЕКО или ЗЕЛЕНА продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.