Првично бев исплашен, но сфатив дека нема причина за тоа: Марио Манов за наставата во Германија
Кај на се уште е неизвесен старот на новата учебна година. Датумот се знае, но начин остана неутврден. Сојузот на средношколците дури организираше и протест, преку кој сакаа да влијаат над надлежните за наставата да започне со физичко присуство. И додека, овде се уште има преговори, совети, мислења, ставови, предлози, многу држави ширум светот ги отворија вратите на образовните институции. Помеѓу сите тие е и Германија, која меѓу првите го направи овој смел чекор.
За тоа како моментално се одржува наставата и дали постои страв помеѓу учениците и студентите, поразговаравме со Марио Манов, кој „преку ноќ“ стана популарен поради своите урнебесни видеа на Инстаграм. За да ви стане појасно, тој иако по потекло е од Македонија, живее и учи во Германија и од прва рака ни го раскажа своето искуство.
Вели дека на почетокот кога изјавиле дека ќе се отворат образовните институции бил малку исплашен, но дека откако увидел дека нема простор за тоа, следело прифаќањето.
„Мора да признаам дека на почетокот бев малку исплашен за моето лично здравје, бидејќи никогаш не знае дали мерките ќе бидат почитувани од страна на учениците првенствено. Но, откако почнавме гледам дека навистина се почитува секоја дадена мерка, како од учениците, така и од професорите и нема простор за страв, а со тоа и супер лесно се навикнуваш.“
Мерките кои кај нас понекогаш се забораваат и во секојдневието, Марио истакна се почитуваат за време на предавањата, но и надвор од нив.
„Кај нас дефинитивно најголемата промена беше тоа што бевме поделени на две групи, сега не знам како е кај другите, но кај нас беше вака, бидејќи сме навистина многу луѓе. Задолжително носиме маски додека имаме предавања и имаме 1,5 метра одалеченост еден од друг. Сега засега нема некои други промени што ми текнуваат, бидејќи овие три се оние најголемите. Истите не влијаат многу на наставата, напротив многу подобро е. Мислам дека секој може повеќе да се истакне и луѓето добиваат навистина поголеми плусеви од овие промени, кога веќе станува збор за оценки и да можеш да бидеш препознаен во толку многу луѓе. Дефинитивно се почитуваат сите дадени мерки од страна на учениците и од страна на професорите. Но, дефинитивно во глобала во Германија се почитуваат сите правила и мерки и навистина нема простор за страв.“
А, откри и како младите реагираат на овие промени, кои ни ги наметна пандемијата.
„Дефинитивно постои страв од страна на одреден дел на ученици, вклучувајќи ме и мене. Иако знам дека секоја мерка се почитува од наша страна, кај мене сепак владее одреден процент на страв, но се обидувам да останам смирен, да се сконцентрирам повеќе на учењето и задачите, отколку на вирусот.“
Иако истакна дека на почетокот чувствувал страв, Марио ни посочи зошто немал ништо против наставата со физичко присуство.
„Морам да бидам признаам дека бев дефинитивно шокиран дека Германија беше една од првите држави која ги отвори образовните институции толку брзо. Ова е така поради тоа што, ако не се лажам Германија исто така беше една од државите која имаше најмногу заразени во целиот свет. Дефинитивно се отворија многу брзо, но донекаде и беше океј, зошто никогаш немавме некои драстични карантини, како што имаше во Македонија и секој се придржуваше до мерките и ги почитуваше истите. Додека беше затворено секое училиште и секој факултет, паралелно беа затворени и сите места како кафулиња, трговски центри и поради таа причина некако бев смирен, зошто знам и гледав дека луѓето внимаваат на мерките. Ова беше фер, секој беше дома без да му биде забрането, се беше затворено неколку месеци, смеевме да излегуваме надвор, но имавме мерки кои требаше да ги почитуваме и кога беше соопштена веста дека ќе се отвараат образовните институции не се изненадив зошто ми беше веќе јасно. Германците како луѓе морам да признаам дека се држат до правилата и дефинитнивно бев за, не гледав причина да не се оди на училиште, а се друго да биде отворено и да биде се вратено во нормала, освен физичкото присуство на час.“
И. Мисајловска