Ќе продолжиме да се бориме ако сево ова остане на планови и изјави: Сојузот на средношколци не се откажува од своите цели

Ќе продолжиме да се бориме ако сево ова остане на планови и изјави: Сојузот на средношколци не се откажува од своите цели

Објавена во: Совети // School zone

Средношколците преку протест го искажаа својот став за стартот на новата учебна година. Сојузот на средношколци го организираше истиот, а се со цел да се влијае врз одлуката за сите средношколци и ученици од 1 октомври да ја следат наставата од далечина, односно онлајн.

Претставник од Сојузот на средношколци за Хаштаг истакна дека очекувале одзивот да биде уште поголем, но дека истиот може да го заклучат како успешен.

„Секогаш треба да се зборува реалистички, премногу оптимизам или пак песимизам не носат добро. Задоволни сме со бројката на средношколци и подржувачи кои се придружија на нашиот протест. Очекувавме поголем одзив, но треба да се земат предвид временските услови, терминот, како и пандемијата. Нејсе, протестот беше успешен – вчера министерката за образование и наука најави комбинирана настава.“

Горди на се на она што го постигнале, особено по вчерашната прес конференција на министерката за образование и наука, како и на министерот за здравство.

„На вчерашната прес конференција на министерката за образование и наука и министерот за здравство се најави дека Владата одлучила да им даде можност на училиштата, индивидуално, да се произнесат за моделот на настава. Оваа одлука им овозможува на училиштата да организираат настава, следејќи го моделот со физичко присуство, секако доколку тоа го дозволуваат условите. Го добивме тоа што го сакавме, односно децентрализиран пристап: секое училиште да одлучи самото за себе.“ – посочија од Сојузот.

Но, велат дека доколку новата одлука на Владата остане само на планови и изјави, тие ќе продолжат да се борат.

„Судејќи според денешната прес-конференција на министрите, изгледа дека успеавме. Ќе има комбинирана настава во средните училишта. Но, доколку ова остане на планови и изјави, секако дека ќе продолжиме да се бориме.“  

Секоја група на луѓе, организација или пак сојуз во одреден момент знае да се соочи со негативни коментари, а еве како Сојузот на средношколците се соочува со истите:

„Не само што се соочивме со негативни коментари, туку нашиот претседател беше изложен на говор на омраза, поради неговата етничка припадност. Мноштво од негативните коментари беа непродуктивни – туку беа навреди и обвинувања. На таквите, не одговараме. Сепак, дел од нив беа продуктивни, а се движеа кон несогласување со нашите ставови. На ваквите коментари одговаравме преку дискусија. Ги објаснувавме нашите заложби, одговаравме на прашања и стравови, прифаќавме и сугестии.“ – посочи претставникот од Сојузот.

За секој потег или „бунт“ постои причина, а причината зошто средношколците се одлучија за протестот е нивното искуство од претходните месеци со онлајн наставата.

„Најголема причина е искуството со онлајн наставата кое го имавме од март до јуни. Дел од учениците не се појавуваа на часови, дел од наставниците воопшто не ни одржуваа часови. Немаше унифицирана платформа за настава од далечина, а не сите ученици имаат соодветен пристап до ИКТ опрема и интернет. Оценувањето беше сведено на чиста формалност. Оттука, онлајн наставата се покажа како несоодветна за одржување на образовен процес во нашата земја.“ – откриваат средношколците.

Тие ги покануваат сите средношколци да станат членови на Сојузот на средношколци на Република Македонија и сите заедно да се изборат за своите права, како сега, така и во иднина.

И. Мисајловска

Фото: Л.М.


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: