Првиот фотоапарат ми го подари мојата баба: 19-годишниот Благојче Јовановски е колекционер на стари фотоапарати

Првиот фотоапарат ми го подари мојата баба: 19-годишниот Благојче Јовановски е колекционер на стари фотоапарати

Секој има своја пасија или хоби – фудбал, ракомет, одбојка, пливање, бордање, собирање салфети, собирање на таксени марки и така натаму, но за 19-годишниот Благојче Јовановски тоа се фотоапаратите. Овој млад скопјанец оваа година завршил средно образование, а во својата колекција има повеќе од 100 стари фотоапарати.

„Љубовта кон старите фотоапарати започна пред 2 години, кога мојата баба ми го подари нејзиниот стар фотоапарат од детството“ – ни откри ова младо момче, кое истакна дека колекционерството му е хоби.

„Колекционерството ми е хоби, а мојата колекција мометално има 100 стари фотоапарати. Сите ми значат многу, а од најголемо значење ми е првиот фотоапарат, бидејќи како што кажав тој ми го подари мојата баба“.

Благојче ни откри дека најстариот и највредниот фотоапарат во неговата колекција е Hermagis camera micromégas, кој е произведен во 1875 година, но се осврна и на нивната функционалност.

„Поголемот број фотоапарати не се во функција и тешко се наоѓа филм за нив.“

Завидната колекција има план да ја прошири, а не криеше и по кој принцип ги набавува сите фотоапарати.

„Колекцијата ја правам според принципот колку е стар и колку е во добра состојба. Фотоапаратите ги набавувам на пазар или преку социјалните мрежи“.

Иако ова е негово единствено хоби, тој истакна дека се занимава и со фотографирање, а неговите дела може да ги најдете на неговите профили на социјалните мрежи.

И. Мисајловска


Можеби ќе ве интересира: