Првите песни кои ги отпеав се од Витни Хјустон и Аба: Интервју со талентирата Ана Петановска
Кога ќе кажеме Ана Петановска можеби нема да ви значи ништо, но кога ќе ви кажеме дека таа е девојката која ја освои публиката на овогодинешниот Василичарски концерт сигурно ќе се сетите за кој станува збор. Оваа 17 – годишна девојка, која е средношколка во Гимназиајта „Јосип Броз – Тито“ во Скопје е буквално откритие на годината.
Каде и да се појави плени со својот глас, а веќе полека, но сигурно почнува да чекори на музичкото небо. За Хаштаг открива од колку години започнала да пее, но исто така посочи и од кој го има наследено талентот за пеење.
# На колку години го откри твојот талент за пеење и кој беше првиот кој го препозна истиот?
Од 5 - 6 години почнав многу да ја препознавам и да ја сакам музика генерално, а и последователно на таа возраст почнав и да пеам. Моите родители беа оние кои го препознаа мојот талент, а понатаму наставниците во моето основно училиште.
# Се сеќаваш ли која беше првата песна која ја испеа?
Најпрвите песни се „I will always love you“ од Витни Хјустон и „Dancing Queen“ од Аба. Две се, бидејќи не можам да се сетам која од нив беше прва, но со сигурност, моето пеење почна со овие две песни.
# Од кој го имаш наследено талентот за пеење? Има ли некој друг музичар во твоето семејство?
Мојот татко се заминавал со музика во текот на своите средношколски денови и навистина ја сака музиката. Тој свири гитара и пее и можеби од него е мојот талент, но би споменала дека и мојот брат истовремено е нескромно навистина одличен гитарист, благодарение на кој додека растев имав можност да слушам многу различна и разновидна музика. На моја голема среќа, благодарение на нив, имам услови за музиката да ми е блиска.
# Кој е твој идол кога е музиката во прашање?
Не би можела да издвојам конкретно некој од сите, бидејќи имам навистина многу идоли од различни аспекти, но Витни Хјустон е еден од моите најголеми идоли од аспект на пеењето.
# Многу твои врснички својот талент решија да го претстават на некое од регионалните и домашните музички шоуа. Размислуваш ли да се пријавиш на некое такво?
Сум размислувала, но до сега не сум одлучила за настани од таков тип.
# Во јануари имаше можност да пееш на Василичарскиот концерт, рамо до рамо со познати музички имиња од земјата, а на истиот тој концерт ги освои симпатиите на публиката и многу денови по истиот сите зборуваа за твојот настап. Какви впечатоци носиш од таму?
Настанот, пејачите и музичарите, публиката, атмосферата, буквално целиот распоред на концертот беше нешто магично за мене. Прекрасно беше чувството да се добие признание од такви имиња, секако и од публиката. Неверојатно беше да се настапува на таква сцена, и целиот пакет активности поврзани со концертот (подготовки и проби со оркестарот, облека, шминка, подготвувањето на песните) ме исполнија со возбуда, ентузијазам, но и најважно признание кон себе дека дефинитивно музиката е она со кое сакам да работам. Особено како за некој што првпат се соочува со ваква сцена, неповторливо навистина.
# Кој музички жанр е најблизок до она што сакаш ти да го пееш?
Нешто во кое се пронаоѓам е стилот на песни од Арета Френклин, Витни Хјустон, Ета Џејмс и сл. но истовремено ја обожавам енергијата на рокот и progressive жанрот. Се пронаоѓам доста и во RnB, jazz, blues и модерниот поп.
# Имаш ли некоја пејачка или пејач со кој би сакала некогаш да снимиш дует?
Со многу музичари би сакала да снимам дует, вклучувајќи пејачи и пејачки од тука и од странство.
# Пред неколку дена имаше можност и да настапиш пред српската пејачка Сара Јовановиќ и пред неа да отпееш нејзина песна. Имаше ли трема пред овој настап? Што ти кажа таа за истиот?
Тоа беше ептен возбудливо и навистина ново искуство за мене. Искрено, бев многу позитивно возбудена бидејќи настапував пред Сара и Дуња. Бендот беше многу подготвен и искусен и гостинките и организаторите ја затоплија и направија атмосферата многу опуштена и пријатна. Сара беше прекрасна и многу фина и имаше преубави зборови. Беше многу радосна кога ја пеевме нејзината песна, и дури и кажа дека сум и една од омилените пејачки, што ме направи пресреќна.
# Каде се гледаш за 10 години?
Се гледам како сѐ уште се радувам на кафето и музиката, исто како и сега, амбицијата и ентузијазмот се доста големи, уживам во пеењето и со надеж, турнеја со настапи на големи сцени.
# Кој хаштаг го користиш најчесто?
Еднакво ги користам #goodvibes и #coffee.
И.Мисајловска