„Пукаше во девојчето во кое беше заљубен“: Соседите на момчето убиец се огласија по масакрот
Соседите од зградата во која живее Коста Кецмановиќ (13), момчето кое вчера уби 8 училишни другари и вработен во обезбедувањето, а рани 6 ученици и настаничка по историја, уште се во голем шок, немаат сила да ја искоментираат вчерашната трагедија, а за семејството на момчето немаат никакви лоши зборови.
Како што раскажува еден сосед, таткото на момчето секогаш им помагал на сите што им била потребна помош - како доктор, но и како сосед.
Исто така, и момчето често помагало, им носел храна на соседите.
Сепак, она што сите ги изненадува е дека Владимир во станот имал толку оружје.
„Кога полицијата ги изнесувала работите од станот велат дека било најдено уште оружје. Тој во 2016 година поднел барање за оружје и најверојатно од тогаш почнал да го собира, кој зане, што му светнало во главата“ - раскажува еден сосед за српските медиуми.
За Коста зборуваат дека е повлечено и срамежливо момче, кое не го гледале со другари.
„Со него беше само жената која го чуваше, искрено никогаш не сум го видел со друштво. Но, знам дека вечерта пред трагедијата беше на роденден со своето одделение, со оние во кои пукаше! Таму беше и една девојка која му се допаѓаше, и во неа пукаше“ - зборува шокираниот сосед.
Како што зборуваат понатаму, за Владимир знаеле толку колку што им зборувал, дека роднините му се успешни спортисти и писатели, како и дека тој е угледен доктор. Сепак, никој не знаел дека оди на стрелање.
„Толку пати зборувавме и се гледавме. Никогаш не спомена дека има оружје, ниту дека оди на стрелање. Не знам ниту дали тој сега ќе сноси некоја одговорност, Коста ќе мора да излезе надвор, што да правиме ако го видиме тука... Сигурно дека некое семејство ќе сака да се одмазди“ - посочува друг сосед.
Како што зборуваа за српските медиуми, сметаат дека семејството мора да се пресели.
За таткото и мајката на момчето велат дека и двајцата работат во здравство и дека се познати како воспитани и љубезни луѓе.
Како што зборуваат, помалото дете сега е накаде со мајката.
„Никогаш немало проблеми со нив, освен што Владимир се противеше кога требаше да се отвори Православен центар во зградата, а кој е на истиот кат каде што е нивниот стан и каде што одат зависници на советување. Протестираше дури и кај патријархот. Се плашеше какви луѓе ќе влегуваат во зградата, бидејќи советувалиштето е за зависници од алкохол и дрога“ - додаде трет сосед.
фото: Фејсбук / Принтскрин