Рачно изработените подароци посебно ми значат: Новогодишно интервју со Александар Динев
Останаа уште само неколку дена до крајот на годината и наскоро ќе ја поздравиме оваа необична 2020 година. Секој еден од нас верува дека следната ќе биде подобра и дека ќе се спасиме од лудилото кое владее ширум светот, но мора и да признаеме дека истата многу влијаеше на нас и на некои наши одлуки.
Оваа теза ја потврди и ТикТокерот Александар Динев, кој ни откри со какви предизвици се соочи оваа година, но и што е она што се промени кај него.
„Можам да кажам дека годинава тотално ме промени како личност, започнувајќи од тоа како влијаеше интернетот врз мене. Се променив физички, а и психички. Стилот на облекување ми е променет, исто така и косата, започнав позрело да размислувам и имам друга гледна точка кон иднината.“
Со оглед на ситуацијата, новогодишните и божиќните празници откри дека ќе помине со семејството.
„Како и обично празниците планирам да ги поминам со моето семејство! Дефинитивно ми фалат претходните години кога можев и надвор од дома да ги прославам. Жално е што сме ограничени, но сепак се надевам дека следната година не би биле.“
Како и секој човек и Динев има новогодишни желби, кои се надева дека би му се исполниле во блиска иднина.
„Во Новата година сакам да запознаам барем неколкумина поддржувачи на мојата работа и да ги гушнам силно! (Секако доколку нема Корона) Исто така, сакам да си земам подобра опрема за снимање на моите видеа како на пример нов телефон, лаптоп, камера и слично.“
Иако неговите желби се поврзани со неговата работа поврзана со ТикТокот и иако не се сеќава на некој специфичен новогодишен подарок, Александар ни посочи какви подароци всушност го радуваат.
„Не се сеќавам на некој специфичен подарок, но секое рачно изработено нешто ми значи премногу! Со тоа доаѓам до заклучок дека личноста која што ми го подарила поклонот потрошила време и љубов во целиот процес.“
Како за крај, во целост ви ја пренесуваме пораката, која овој млад ТикТокер ја испрати до сите вас:
„Среќна Нова Година и среќни празници до сите! Насмевнете му се на овој темен период, секоја насмевка буди илјадници други! Пазете се и бидете здрави.“
И.М.