Речиси секој наставник користи дигитални алатки во наставата, покажа најново истражување во рамки на проект за дигитализација на образованието

Речиси секој наставник користи дигитални алатки во наставата, покажа најново истражување во рамки на проект за дигитализација на образованието

Објавена во: Совети // School zone

237 од вкупно 250 анкетирани наставници во основните училишта или 95% се изјасниле дека користат дигитални алатки за време на наставата. 13 наставници посочиле дека ваквите онлајн содржини и помагала воопшто не ги користат за време на спроведувањето на воспитно-образовниот процес.

Ова се само дел од податоците кои ги покажа истражување спроведено во периодот 6-30 мај 2020 година помеѓу наставниот кадар во основните училишта на територија на општините Валандово и Карпош. Ова истражување беше спроведено од страна на специјалистот за односи со јавност, Бојан Кордалов, а во рамките на Проектот за дигитализација на образованието кој делумно е финансиски поддржан од страна на Македонско - Американската Алумни Асоцијација (МААА).

„И претходно, а особено по појавата на пандемијата предизвикана од коронавирусот, стана јасно дека спроведувањето на одржлива и ефикасна дигитализација во образованието е една од најважните приоритети на целокупното општество. Првичните резултати од ова истражување јасно ја покажуваат подготвеноста на наставниот кадар за дигитална трансформација на образованието, што е за поздравување и од голем интерес за учениците и целиот образовен процес. Но, останува малку време до почетокот на новата учебна година. Доколку сакаме вистинска дигитална трансформација на образованието, неопходно е надлежните државни институции, како и локалните самоуправи да ги вложат сите свои напори и да бидат вистинска поддршка на училиштата и факултетите во претстојниот период.“, истакна Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, како и автор на истражувањето.

Анализата, исто така, покажува и дека според мислењето на поголемиот број наставници не постои стручно лице кое им стои на располагање и им пружа помош доколку имаат потреба од правилно вклучување на дигиталните алатки во наставата. 113 или 45% од наставниците се изјасниле дека има такво стручно лице, додека, пак, 137 или 55% истакнале дека во нивното училиште не постои стручно лице кое им нуди поддршка во процесот на воведување на дигитални алатки во образованието.

130 од вкупно 250 наставници посочиле дека „не се согласуваат“ или „воопшто не се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување на дигитални вештини. Нешто помал број или вкупно 120 анкетирани наставници посочиле дека „се согласуваат“ или „потполно се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување на лични дигитални вештини кои се потребни за наставата.

„Важно е никогаш да не заборавиме дека секој ученик или ученичка само еднаш се запишува, на пример, во 7мо или 8мо одделение. Па, доколку содржините предвидени за таа возраст не ги совладаат, учениците може да останат без елементарното образование и знаења. Овие ученици кои денес се дел од основното или средното образование, за 10 до 15 години ќе бидат идните лидери во нашата земја. Токму тие, денешните ученици, ќе ја креираат општествената, економската и воопшто демократската иднина на регионот и светот. Со други зборови, како ќе изгледаат општествата во блиска иднина во голема мера зависи и од тоа во каков образовен систем ќе учи денешната младина. Или со уште поедноставни зборови, колку побрзо го дигитализираме образованието, толку побрзо учениците и студентите ќе можат непречено да го продолжат воспитно образовниот процес со ист или подобар квалитет од порано.“, посочува специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов

Важно е да се истакне дека висок процент или 75% од наставниците вклучени во ова истражување сметаат дека со воведувањето дигитални технологии во наставата ќе се олесни совладувањето на наставниот материјал од страна на учениците. Истовремено, на прашањето „Дали за време на часовите, на учениците им  дозволувате да користат мобилен телефон или други лични дигитални уреди“ најголем дел од наставниците односно 71 % одговориле дека не дозволуваат користење на лични дигитални уреди за време на наставата. 73 од вкупно 250 наставници или 29% одговориле потврдно, односно посочиле дека дозволуваат користење на мобилни телефони и други лични дигитални уреди на учениците за време на одвивањето на наставниот процес.

Главната цел на ова истражување и спроведувањето на Проектот за дигитализација на образованието во оваа фаза е утврдување на капацитетите на општинските основни училишта за користење на дигитални алатки, како и давање на директен придонес и поддршка за училиштата со цел спроведување на ефикасна и одржлива дигитализација на воспитно-образовниот процес и прилагодување на условите за учење наметнати од пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Добиените резултати се користат за сумирање и анализа со цел претставување на трендот и степенот на дигитализација во образованието. Во текот на следните 2 месеци истите јавно ќе се публикуваат и промовираат во насока на констатирање на актуелната состојба со дигитализацијата во основното образование, како и давање на конкретни предлози и мерки за преземање на следни активности на овој план на територија на целата држава.

За дополнителни информации, Ви стојам на располагање на телефонскиот број 072/222-041 или на e-mail: bkordalov@gmail.com


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: