Реобјавувањето на „Македонските книжевни класици“ е инвестиција во културната иднина на следните генерации

Реобјавувањето на „Македонските книжевни класици“ е инвестиција во културната иднина на следните генерации

Објавена во: После „Школо“ // PR

Со познатата мисла на Крсте Петков Мисирков „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред“, вчеравечер, на главната бина во рамките на Саемот на книгата, беше заокружена трибината во чест на Денот на македонската азбука и на македонскиот јазик (5 мај). На настанот „Македонски книжевни класици – подарок за поколенијата!“, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, учествува Александар Прокопиев, Лидија Капушевска-Дракулевска, Елизабета Баковска и Ведран Диздаревиќ, а модераторки беа уредничките Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.
Во фокусот на разговорот беше едицијата „Македонски книжевни класици“ во рамките на која „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, реобјави дел од творештвото на книжевните великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ... Учесниците на трибината се дел од овој голем проект, како уредници или автори на поговори на дел од книгите. Тие се осврнаа најпрвин кон својата лична поврзаност со авторите – за чии реобјавени дела беа ангажирани, како и на самата работа на книгите. Заеднички заклучок беше дека секое навраќање и реобјавување на „Македонските книжевни класици“ е инвестиција во културната иднина на следните генерации.

Александар Прокопиев, кој го напиша поговорот за „Зора зад аголот“ од Димитар Солев, истакна дека уште од средношколските денови се вљубил во делата на Солев.
– Кај писмото на Солев веднаш ме привлече неговата различност во споредба со другите писатели, чии дела ни беа лектири. Дури и ги поттикнав своите соученици да се запознаат со неговите книги. Солев го доживеав како многу современ, силен јазичен стилист. Го читав и понатаму низ годините и секогаш го чувствував за многу близок, затоа што тој ракува со зборот на, според мене, најприроден и акробатски начин. Не сте ни свесни колку е силен зналец, затоа што тоа го прави многу непосредно. Приказните ги раскажува со врвен раскажувачки сенс. Па, така, кога ми се јавија од „Арс Ламина“ и ми кажаа дека ќе бидат реобјавени неговите дела („Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“) бев пресреќен, што неговите книги ќе се читаат и понатаму. Инаку, кога лично го запознав Солев и имав можност да дружам приватно, увидов дека тој е токму онаков каков што си го замислував – непосреден, без суета или надменост во комуникацијата – рече Прокопиев и откри дека Солев, покрај тоа што е голем писател, тој бил и голем читател. Според него, сите големите автори, пред сè, се и големи читатели, со големи лични библиотеки богати со дури и ретки изданија.

Елизабета Баковска, која го напиша поговорот за романот „Куклите на Росица“ од Оливера Николова, рече дека значајно е да се читаат класиците, но за да се читаат тие треба да бидат достапни, а достапни ќе бидат само со постојано реобјавување.
– Зошто да се навраќаме на класиците? Треба да бидеме свесни дека македонскиот е јазик што е со малку говорители. Поради тоа, нашите писатели можат да западнат во една од двете стапици. Првата е комплекс на пониска вредност – да се каже дека немаме наши автори кои пишуваат добро како некои светски автори. Втората замка е – комплекс на повисока вредност – Да си мислиме дека сме врвни автори само затоа што сме малкумина и нема конкуренција. Начинот на кој треба да се соочиме со овие комплекси е постојано да ЧИТАМЕ. А делата ќе можеме да ги читаме само ако ни се достапни! Мораме да се навраќаме на нашите класици, мораме да ги читаме и само преку читањето на тие дела ќе сфатиме каде стоиме во сегашноста. Прво ќе сфатиме колку малку читаме, ќе разбереме дека нема потреба да имаме комплекси на пониска вредност, затоа што ќе согледаме дека имаме автори со врвни дела кои се носат рамо до рамо со светските романи... Читајќи, ќе сфатиме дека треба уште многу, многу да читаме за да стигнеме квалитативно до тоа што го напишале великаните.

Проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, која  го напиша поговорот кон „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ, рече:
– Професорот Урошевиќ со своите книги внесе нова поетика, интерес и сенс за чудесното, фантастичното, надреалното во македонската литература. Кога ќе се помисли ретроактивно, ќе се видат многу иновации кај него. Тој со своите книги пополни многу празнини во нашата литература. Во неговото творештво се среќава надреализмот, научна фантастика, детективски приказни, бајки црпени од азното на народното творештво, како и меѓужанровски дела. Во себе носи хуманистичка идеја – да ја забележиме убавината покрај којашто можеби поминуваме, а не ја забележуваме. Затоа драго ми е не само што се реобјавуваат неговите дела туку што и наскоро ќе читаме и нов негов роман... Искрени комплименти за проектот „Македонски книжевни класици“, навистина е редок пример и за пофалба тоа што го прави издавачката куќа „Арс Ламина“ со своите уредници. Овој проект треба да продолжи и се надевам дека ќе бидат објавени сите планирани проекти и дека и новите генерации ќе се запознаат со нашите класици. Оваа реактуализација е важна. Не почнува светот од нас, имаме убава традиција и само вака можеме да ја градиме иднината.

Ведран Диздаревиќ, кој е уредник на дел од изданијата од едицијата „Македонски книжевни класици“, рече дека класиците се истовремено и нови и стари и лесно прифатливи за секоја епоха. Тој посочи дека македонските книжевни дела што се обработуваат во училиштата треба да не се доживуваат само како историски четива туку и како уметничка литература. Рече дека нашите книжевни великани на свои плеќи ја носеа нацијата, политиката, историјата... Треба, конечно да почнеме да ги гледаме (читаме) како уметничка литература. Да им дозволиме да бидат класик во кој ќе уживаме неоптоварени од сиот државотворен багаж.

„Арс Ламина“, во едицијата „Македонски книжевни класици“, реобјави дел од творештвото на еден од најдаровитите македонски писатели – Петре М. Андреевски. Потоа следуваше стихозбирката „Скопјани“ од поетскиот маг Гане Тодоровски и продолжи со двата романа на македонскиот модернист Димитар Солев, „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“. Нему му се придружи прозаистот Живко Чинго со култните „Пасквелија“ и „Нова Пасквелија“ и лектирата „Големата вода“, за првиот циклус да се заокружи со кратката проза „Пустина“ и романот „Арамиско гнездо“ на раскажувачот и историограф Ѓорѓи Абаџиев.

Едицијата продолжи да расте и да се развива по зацртаниот пат, па минатата година – што беше и јубилејна година и во која ја чествувавме стогодишнината од раѓањето на нашиот најзначаен лингвист Блаже Конески – објавивме четири збирки поезија во три книги [„Везилка“ (и „Стерна“ во едно издание), „Црква“ и „Црн овен“) и двотомен избор од неговото книжевно и научно творештво, во што ни помогнаа универзитетските професори Иван Џепароски и Димитар Пандев, кои се приредувачи на збирките „Збор и опит“ 1 и 2. На почетокот на 2022 година, во месецот на Оливера Николова, на голем собир и во присуство на авторката, го промовиравме целокупното творештво за возрасни на „мајката на сите македонски писателки“.

Дека станува збор за значаен проект покажуваат и наградите. Покрај признанијата минатите години, и оваа година книгите од проектот „Македонски книжевни класици“ добија награда. Имено „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“, во издание на „Арс Ламина“, го освои првото место во категоријата за најдобра едиција на наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во овој проект се вклучени десет тома со 12 книги за возрасни на Николова. Книгите се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели.

„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.

ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: