Родителите најпрво треба да служат како модел за своите деца: Препораки од психолог-психотерапевт Фросина Ристовска
Како што одминува времето, така коронавирусот сѐ повеќе ги плаши луѓето и покрај препораките дека паниката треба да се сведе на минимум. Разговорот со стручните лица, (психолози, психотерапевти) се од клучно значење за надминување на оваа „криза“.
Фросина Ристовска, психолог - психотерапевт, GO Center Скопје посочи на тоа како оваа состојба влијае врз луѓето, што е она на што младите треба да внимаваат, но и како најдобро да се заштитиме, како себе, така и луѓето околу нас.
# Ситуацијата со коронавирусот и прогласувањето на пандемија се рефлектираше на глобално ниво, а Македонија е една од земјите во која има регистрирано позитивни случаи на вирусот. Колку оваа состојба влијае врз менталното здравје кај луѓето?
Моменталната состојба со COVID-19 на глобално ниво, како и секојдневните вести за моменталната состојба во однос на инфицирани луѓе, мерките кои секоја држава ги превзема и карантинот се стресни за секоја една индивидуа. Стравот, вознемиреноста и анксиозноста кога се поврзани со антиципација на одредена болест, во случајот потенцијално инфицирање со корона вирусот може да бидат преплавувачки за секој човек и да предизвикаат силни емоционални реакции како кај возрасните така и кај децата. Ваквата емоционална состојба дополнително може да се манифестира и со панични реакции или блокирање на секојдневните активности што влијае на квалитетот на живот на секој еден. Стресот во време на пандемија може да се манифестира на различни начини – преку постојано чувство на страв и загриженост не само за сопственото здравје туку и за здравјето на нашите најблиски, промени во навиките за спиење (несоници), потешкотии во одржување на вниманието и расеаност, манифестација на телесни симптоми кои дополнително ги влошуват претходно постоечките здравствени проблеми итн. Во вакви ситуации многу луѓе прибегнуваат кон користење на неадекватни начини на справување со стресот кои вклучуваат прекумерно користење на алкохол, цигари или останати супстанци. Дополнително, сите вакви ситуации прават дополнително влошување на веќе постоечките симптоми со кои луѓето кои имаат потешкотии од аспект на ментално здравје претходно се справувале. Од тој аспект, изнаоѓањето на адекватни механизми на справување, практикување на различни релаксациони техники, активирање на системите за поддршка и барањето професионална помош се есенцијални во вакви кризни ситуации.
# Младите важат за едни најголеми преносители на вирусот. Кој е најдобриот начин да им се објасни сериозноста за овој проблем?
Преносител на инфекцијата може да биде секој еден од нас, неврзано за возраста. Вистина е дека младите се многу повеќе мобилни, се собираат во поголеми групи, и на тој начин може да направат поголема трансмисија на останатите. Ако ги погледнеме бројките од досегашните статистики она што е очигледно е дека бројката на смртност е многу поголема кај луѓето кои се над 50 годишна возраст и луѓе со хронични заболувања, што ги става младите во категорија со помал ризик. Но, токму затоа свесноста кај нив мора да биде на многу повисоко ниво затоа што масовните собирања, собирањата во групи кога важи правилото за карантин и самоизолација ги изложува на ризик да бидат инфицирани и да станат преносители на вирусот на оние кои се во високо ризична категорија и чиј што живот може да биде загрозен. Свесноста за досегашните загуби, за промените во економијата и за фактот дека многу луѓе во моментов остануваат без работа се доволен индикатор за сериозноста на овој проблем и за тоа што може да очекуваме во периодот кој следи на глобално ниво. Би рекла дека психоедукацијата за тоа што самиот вирус претставува, сериозноста која со себе истиот ја носи и предивиците кои сега се пред сите нас колективно може да ја поттикнат одговорноста кај секој еден поединец не само кај младите.
# Истите добија ослободување од училишните обврски, но како да се задржат дома? Кој е најдобриот и најефикасниот пристап?
Сите мерки кои се превземаа во последниот период значат промена на нашиот вообичаен начин на живот, не само на младите туку и на оние кои сме во работен однос, и на пензионерите и на невработените, буквално сите. Ваквата промена во нашата рутина ни дава нова шанса да бидеме во контакт со другите на различни начини преку социјалните медиуми, мејл или телефон и да останеме поврзани и блиску едни до други. Следејќи ги настаните изминатите денови искрено сметам дека младите барем во Македонија и тоа како превземаат проактини мерки за превенција и заштита и се радувам кога ги гледам сите иницијативи за online вежбање, слушање музика, споделување, учење. За мене е многу интересно да сведочам како креативноста која секој еден од нас ја носи се пројавува во вакви времиња. Дополнително, иницијативите дел од професорите да држат предавања преку употреба на различни платформи и тоа како ме радува затоа што искрено верувам дека ваквиот хаос на глобално ниво ќе не поттикне сите да размислуваме за нови решенија како нашиот живот, учење и споделување да продолжи и во нормални ситуации.
# Кој е вашиот апел до младите, но и нивните родители?
Кризните времиња секогаш носат предизвик со себе, особено затоа што секој еден од нас различно реагира во иста ситуација најчесто понесени од емоцијата која во мометот ја чувствуваме без оглед дали тоа е страв, лутина итн. За родителите би рекла дека е значајно да најпрво служат како модел за своите деца односно да посветат доволно внимание да се одморат и наспијат, да извежбаат низ дома, да се хранат здраво и да прават паузи. Поврзувањето со пријателите и семејството преку употреба на online каналите исто така е значајно за да ја донесе пораката дека и во самоизолација контактите сеуште може да бидат забавни. Со оглед на тоа дека училиштата се затворени би ги охрабрила да најдат нови начини за обавување на активностите поврзани со учење, како и активностите поврани за забава и релаксација со нивните деца. Родителите неопходно е да им обезбедат сигурност и поддршка на своите деца во смисла дека се безбедни, но дека едновремено е во ред да се чувствуваат вознемирено и исплашено. Споделувањето за тоа што нам ни помага да се справиме со стресни ситуации и тоа како може да им биде пример на децата за тоа како тие може себе да се поддржат. Воедно многу е значајно на децата да им ги одговориме прашањата кои можеби ги имаат за корона вирусот на начин разбирлив за нив согласно нивната возраст и да внимаваме како ги користат социјалните мрежи за да не се искреира дополнителен хаос како резултат на погрешно интерпретирани податоци. И за младите и за родителите важат неколку препораки кои се однесуваат на следново: поминете повеќе време во читање на книгите на кои никогаш не им дошол ред – направете натпревар во прочитани книги на неделно ниво, изгледајте ги сериите или филмовите за кои одамна сакате да најдете време – рефектирајте на поучните моменти од секој од нив, грижете се за своето тело на начин на кој ќе внесувате доволно здрава храна и добро избалансирани оброци, вежбајте и одморете убаво, правете активности во кои уживате, играјте друштвени игри со оние со кои живеете – потсетувањето на игрите од детството доаѓа добро и може да се искористи како споделување на различните форми на игра низ генерациите. И многу значајно отворено зборувајте за она што го чувствувате.
# Што според вас како експерт во вашата област би требало да се преземе како мерка за заштита?
Сметам дека мерките кои досега беа предложени и превземени се одлични во справување со моменталната ситуација. Дополнително следењето на насоките за хигиена на раце – миење 20 секунди под млаз вода и дезинфекција (секогаш кога пристигнуваме дома или на работа, го дуваме носот, јадеме или ракуваме со храна), користење на марамче кога се кива или кашла и негово соодветно отстранување, држење на растојание со другите и почитување на препораките за самоизолација. Дополнително превентивните мерки за заштита на нашето ментално здравје би вклучувале барање на соодветна поддршка и помош кога тоа ни е потребно.
И. Мисајловска