Романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од данскиот писател Бјорн Расмусен ќе биде промовиран онлајн
Романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од данскиот поет и писател Бјорн Расмусен, ќе биде промовиран онлајн, вечерва (27 октомври, четврток), со почеток во 19 часот. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првиот наслов од новата едиција „Порта Европа“.
На промоцијата, која ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе зборуваат уредничката Бисера Бендевска и Искра Бадева, која го преведе делото од дански јазик.
Авторот Бјорн Расмусен е роден во 1983 година во Лемвиг, Данска. Дипломира на Данската школа за драматургија во 2007 година и на Данската школа за писатели во 2011 година. Истата година ја добива книжевната награда „Монтана“ за романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“. Во 2013 година се здобива со тригодишен грант за работа од данската влада, а следната година ја добива и наградата „Култур Борнхолм“. Во 2016 година е награден со книжевната награда на Европската унија, за истиот роман.
Идејното решение на корицата на македонското издание е на дизајнерката Катерина Соколова. Тоа беше избрано како победничко на конкурсот за дизајн на корици на сите шест романи од едицијата „Порта Европа“, како дел од истоимениот проект, чиишто активности се однесуваат на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.
Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската унија.
Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.
* ПР - објава