РОСИЦА, ДРУГАРЧЕ, РАЗВИГОР И НАШ СВЕТ – ВИСТИНСКИ ПАТОКАЗ КОН ЈАЗИКОТ, ЛИТЕРАТУРАТА И КУЛТУРАТА НА ГОВОРОТ
Во организација на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, и Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а со поддршка на издавачката куќа „Просветно дело“, неодамна се реализираа три советувања, наменети за воспитно-образовниот кадар во предучилишните установи и во основните училишта во државата, кои беа посетени од над 1800 слушатели.
На Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Виолета Димова и доц. д-р Ана Витанова Рингачева, им се обратија на слушателите на тема: „Јазикот и книжевноста во наставата во основното образование низ призмата на списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“, при што потенцираа:
„Кога зборуваме за литературното образование и воспитание, треба да нагласиме дека тоа не се однесува само на пишаните текстови туку и на силното влијание на електронските медиуми, како и на киното, театарот и слично. Сепак, една од најважните задачи на наставата по македонски јазик е да се разбуди интересот на учениците за читање на пишаната литература. Поттикнувањето на читањето книги треба да се гледа како договор меѓу генерациите: да се влее желбата за читање на наредната генерација, која нам ни ја подарила претходната генерација. ’Децата не се само идни возрасни луѓе туку и возрасните се поранешни деца‘, рекол Пол Хазард. Токму затоа литературните списанијата за деца се силен врзувачки елемент во темелите врз кои ќе израснат нови цврсти градби, а тоа се идните генерации. Читањето квалитетна литература и општењето со литературни списанија за деца кои почитуваат високи критериуми во својата концепциска поставеност (како што се Росица, Другарче, Развигор и Наш свет) значи градење високи критериуми за тоа како треба да се создава литературата за деца. Литературата за деца може да се вреднува според воспоставените книжевни критериуми исто како и литературата за возрасни. Естетските достигнувања на писателите за деца во приложените книжевни прилози се многу високи, а критериумот литерарност на текстот е задоволен до неговите највисоки вредности, како и естетските критериуми во книжевноста за деца.“
Повеќе аспекти се во фокусот кога зборуваме за задоволување на поставеноста на нараторот и неговата комуникација со детето (автор –наратор –читател), и кои се негуваат во овие списанија, а тоа се секако:
Ø портретирањето на ликовите и нивните атрибути;
Ø психологизациите и психолошкото портретирање;
Ø ликовите животни и персонифицирањето како важен сегмент;
Ø детскиот аспект;
Ø еколошкиот аспект;
Ø едукативната компонента;
Ø народното творештво во функција на стекнување нови знаења од јазикот и од литературата;
Ø хуморот;
Ø визуелното претставување (илустрациите).
Росица, Другарче, Развигор и Наш свет ја имаат улогата на пишан медиум кој остварува директна комуникација со читателот – ученикот, а таа комуникација е во согласност со наставните содржини предвидени за секое одделение, приспособени на возраста и когнитивните способности на учениците. Едукативната функција, која е клучна, а која несомнено ја поседуваат списанијата, ја немаат како свој приоритет друштвените мрежи.
Списанијата имаат редакција која се грижи за квалитетот на избраните текстови, за нивните јазични и книжевни карактеристики. Станува збор за селекција која е во функција на правилниот развој на детето. Ако имаме потреба да споредуваме, тогаш несомнено стои заклучокот дека друштвените мрежи го немаат тој филтер и затоа таму децата се соочуваат со примери на насилство (вербално и физичко) – но и она што е во доменот на нашиот интерес денес, се соочуваат, за жал, со примери на насилство врз јазикот, сквернавење на литературниот јазик и сосема неправилна употреба (или непознавање) на основните правописни правила.“Во Скопје, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, универзитетските професорки проф. д-р Гордана Алексова, проф. д-р Јасна Котеска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска се обратија на тема: „Улогата на литературните списанија за деца во усвојувањето и негувањето на македонскиот јазик и на македонската литература за деца“, при што во своите излагања се осврнаа на јазикот на списанијата меѓу комуникацијата и метајазикот, нивните естетски и етички вредности, како и нивната улога во развивањето на културата на говорот и сенсот за убава литература, при што беше посочено дека литературното списание го прави читателот истовремено да е и гледач и слушател, и од таа перспектива се создава иден, нов сериозен читател. Литературното списание е претходница на книгата за деца и на книгата воопшто и има моќ:
o да го насочи детето кон препознавање на убавото, а подоцна и на квалитетното;
o да му даде можност на детето, заедно и со своите наставници, но и со родителите, да ја деконструира веќе познатата приказна;
o да даде освежување на наставната програма;
o да функционира како актуелна, интерактивна книга;
o да даде време за размислување за прочитаната содржина.
Овие списанија за деца се неодминлив и незаменлив медиум кој во голема мера помага во стекнувањето и збогатувањето на културата на говорот, а при тоа се развиваат особеностите и карактеристиките на култивираниот говор како што се:
} осмисленост на исказот – единство меѓу говорот и мислата;
} целисходност – текстовите имаат јасна цел, т.е. поента на говорот;
} правилност – солидно познавање и примена на јазичните/говорните норми;
} точност – се одбегнуваат несоодветни зборови и изрази;
} јасност – отсуство на двозначност, двосмисленост, се избегнува претераната скусеност, збиеност на исказот;
} живост/сликовитост – експресивност без монотонија и патетика, со голем број квалитетни илустрации
} хармоничност – едноставна структура на исказот
На Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, проф. д-р Билјана Граматковски, проф. д-р Даниела Андонова–Трајковска и проф. д-р Виолета Јанушева говореа на тема „Културата на говорот, литературата и јазикот во списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“.
Во нивните предавања беше предочено дека во списанијата се негува македонскиот стандарден јазик и при изборот на лексиката се употребуваат домашни зборови, но и заемки во согласност со објективните потреби на јазикот. Се сретнуваат и туѓи зборови кои се во чекор со секојдневјето на современото македонско дете, но секогаш се води грижа за објаснување на значењето на домашните зборови, како и на значењето на заемките и туѓите зборови.Исто така, беше потенцирано дека списанијата за деца и нивната интермедијалност со културата на говорот и воспитно-образовниот процес се од суштинско значење, и токму поради тоа, тие:
v претставуваат дидактичко средство за реализација на програмските цели;
v содржините ја следат програмата за рано учење и развој, компатибилни се со возраста на децата и стандардитеза ран детски развој;
v имаат есенцијална улога во образованието на учениците, во утврдувањето на стекнатото знаење на училиште кога станува збор за културата на говорот, но и во неговото проширување на еден забавен начин;
v адекватно одговараат на најновите светски барања и воспитно-образовни тенденции поврзани со културата на говорењето низ игра и забава, задоволувајќи ги воспитната, социјалната и естетската функција.
Списанијата овозможуваат естетска, етичка и критичка анализа на книжевните текстови и претставуваат списанија со литературно-јазични, природонаучни, практични, уметнички и забавни содржини.Во завршните обраќања, меѓу другите, беа извлечени следниве заклучоци:
´ Наставникот на часовите по македонски јазик може да ги користи списанијата за деца најмалку на три начини:да го поттикнува ученикот на самостојно читање дома преку мотивација на час, да избере текст за читање и анализа на час, но и да даде домашна работа од приложените содржини.
´ Списанијата предизвикуваат интерес преку статиите кои го вклучуваат ученикот, прекулитературните прилози, но и преку пократките информативни текстови коиштообезбедуваат контекст и знаење.
´ Со помош на списанијата се развиваат интерперсонални комуникациски јазични вештини преку непосредно читање и зголемување на речникот,а се поттикнуваат и усното и писмено изразување.
´ Списанијата претставуваат додаток на учебникот, помагаат во развивањето на медиумската писменост бидејќи содржините во нивсоодветствуваат на различните нивоа на способност за читањеспоред возраста на читателот кому му се наменети.
А слушателите беа едногласни дека списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет се незаменлив печатен медиум и имаат голем придонес во квалитетот на современото образование и воспитание, како и дека по ниту една цена не смее да се дозволи создавање на нивна дигитална верзија.
К. Т.