„Сакам да ме слушне народот. Таму долу кај Гевгелија, Дојран и мојата Струмица“: Ивана Крстова за „Револуцијата на свеста“

„Сакам да ме слушне народот. Таму долу кај Гевгелија, Дојран и мојата Струмица“: Ивана Крстова за „Револуцијата на свеста“

Објавена во: Совети // School zone

На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.

Трет говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Ивана Крстова. Таа е студент во четврта година на наставна географија при Природно - математичкиот факултет во Скопје.

Ивана говореше за „Револуција на свеста“, а нејзиниот говор ќе може да го прочитате во продолжение:

Често ми се случува кога некому ќе кажам дека доаѓам од Струмица, да упати огромни комплименти за градот, а посебно за народот. Ваквите коментари ме поттикнаа да размислувам што е она што југоисточниот регион го прави толку посебен. Истите овие коментари ме натераа вечерва да застанам пред Вас и да го кажам моето мислење. Можете ли да замислите дека еден од економски најслабо развиените региони е всушност еден од природно најубавите во нашата држава. Ги читам стиховите од вечната Т’га за југ на Миладинов... „Поле погледнеш или планина, сегде божја е хубавина“ и ги споредувам со мојот крај. Токму истата слика, но веќе почнала да се изменува.

Слабата инфраструктура, бавниот развој, малата урбанизација и уште многуте негативности попречуваат овој регион да заживее. Загадувањето на воздухот, водите, а во целост и на природата доведуваат до се поголемо изумирање на природните убавини кои ги нуди оваа територија. А, дали всушност знаете какво е чувството да се биде таму? Ќе се обидам накратко да опишам, а со тоа и да Ве прашам: Дали сте ја виделе сликата на подножјето на Беласица во текот на пролетта? Дали сте ги осетиле топлите бранови на Егејот кога сте во Гевгелија, или пак дали сте ја почувствувале сплотеноста на луѓето во Валандово и Богданци. А, пак мирисот на лето наутро покрај Дојранските плажи? Дали овие неколку реченици Ви беа доволни за да го прикажам прекрасното чувство кое го нуди оваа територија. Сега Вие одговорете ми мене, дали ова се особините кои треба да ги има еден недоволно развиен регион? Ова ли се местата кои треба да бидат најмалку урбанизирани? Зарем мислите дека парчето земја кое го оставиле Синаитски, Панов, Свештарот, Подгорец и многу други дејци заслужува да биде во ваква ситуација? 

Со секој иден мандат се поставуваат нови урбанистички цели, ама каде е нивната реализација? Како сведок на ветувањата од минатата власт, за кои не се сомневам дека ќе ги има и во иднина можам да кажам само едно: Каде сте сега? Уште ли ќе чекаме на помош од Европските земји, или воспоставување на некои приватни инвестиции? Сеуште ли ќе ги праќаме докторите на науки во странство?

Не сакам да ме слушнат некои институции, ниту пак општини, а камо ли пак политичари, бидејќи така потешко ќе успееме. Видовме дека така не бива. Сакам да ме слушне народот. Таму долу кај Гевгелија, Дојран и мојата Струмица. Сакам да ме слушнат моите соседи, сограѓани сакам мојот народ да ме слушне. И ви велам токму Вам: вратете ги дадените чеда од туѓина, вратете ги луѓето кои ја красеја Македонија, бидејќи само така овој регион повторно ќе оживее. И баш поради тоа како што не’ опишал Андреевски Ви велам повторно Вам: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска“, нема да го уништи ни оваа.

Затоа, освестете се пред да биде предоцна, направете револуција, револуција на свеста. 

фото: Приватна архива

Може да ве интересира:

„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“

„Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе“: Дамјан Стоименовски „За лицата со посебни потреби“

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: