Сакаме младите да го употребат својот глас и борбеност: Организацијата Girl Up се обидува да допре до тинејџерите

Сакаме младите да го употребат својот глас и борбеност: Организацијата Girl Up се обидува да допре до тинејџерите

Објавена во: Stars // Интервјуа

Организацијата Girl Up работи веќе 10 години и со седиште во Вашингон. Основана е од страна на фондацијата на Обединетите Нации. Во нашата држава стартува со работа по 9 години, сега постои само една година.

Јана Арсовска е девојката која се одлучила да го направи првиот чекор и да го отвори првиот Girl Up клуб во Македонија. Истиот брои 20 членови и добива значајна поддршка од значајни институции како што е Американската амбасада во нашата држава.

Јана во разговор за Хаштаг откри од каде идејата за ова, но посочи и на целите на организацијата, како и на тоа дека е горда со константното зголемување на интересот од страна на тинејџерите.

# Од каде идејата за да се отвори вакво нешто во нашата држава?

Идејата да го отворам првиот Girl Up клуб во Македонија потекнува од моето присуство на WiSci кампот во Косово на кој присуствуваа повеќе од 100 тинејџерки од Балканот и САД. Кампот секоја година се оддржува во различни земји кои се во развој. Досега е оддржан во Косово, Намибија, Грузија, Перу, Естонија итн. Кампот е создаден од страна на Girl Up и има за цел да помогне во градење на лидерски способности и унапредување на знаењето во полето на природните науки кај тинејџерки. Таму дознав за организацијата и за распространетоста на клубовите како мојот, одлуката да отворам клуб во нашата земја ја донесов кога осознав дека Girl Up клубови има во преку 120 земји во светот меѓу кој во тој период не се вбројуваше и нашата. И втората причина поради која се одлучив на овој чекор е отварањето на прашањето за образованието и лидерските способности на девојките во нашата земја и како овој проблем кој што долго време е прикриен постепено да се реши.

# Има ли одзив за настаните кои ги организирате од страна на тинејџерките?

Да бидам искрена, на почеток имав потешкотии во градењето на тимот и во одзивот и заинтересираноста на тинејџерите. Најчесто состаноциите се одвиваа во многу мали групи, а настаните беа посетувани од мал број на луѓе. За среќа постепено заинтересираноста на девојките и момчињата порасна. За конечно на последниот настан да имаме скоро 50 луѓе, што навистина ме направи горда и среќна.

# Неодамна имавте организирано дискусија со Антонија Локвенец. Што точно се дискутираше? Беа ли активни младите за време на дискусијата?

Тема на дискусијата беше благостојбата и менталното здравје на младите. Темите беа избрани од страна на учесниците на дискусијата и сметам дека поради таа причина оваа дискусија беше толку успешна. Допревме до актуелни теми како што се менталното здравје за време на Ковид - 19, прифаќњето на сопственото тело и надворешните влијанија врз нашето ментално здравје. Нешто што посебно ме изненади на дискусијата беше тоа што младите беа многу заинтересирани и инволвирани во овие теми, а посебно начинот на кој што течеше целата дискусија. Настанот траеше многу подолго од што очекувавме, од причина што голем дел од младите сакаа да понудат решение и подетално да разговараат на овие теми што не направи посебно среќни како нас така и Антонија.

# Што најмногу ги мачи младите?

Во клубот долго време размислувавме на ова прашања затоа што сакавме да ја сфатиме незаинтересираноста и избегнувањето од страна на младите и истово прашање беше отворено и на дискусијата со Антонија Локвенец. Сфативме дека младите многу често ги поттиснуваат своите потреби и мислења само поради влијанието и стравот од реакцијата на околината. Иако можам слободно да кажам дека овој тренд се менува што е позитивно. Сметам дека во нашата земја мислењето на околината е најголем притисок за нас младите, иако многу често ние не го признаваме тоа.

# Што правите вие да им помогнете? Каква поддршка добиваат?

Како што е и политиката на организацијата така и нашиот клуб, посебно преку овие дискусии и оние кои што ќе следуваат и во иднина се трудиме да ги поттикнеме и подобриме нивните лидерски способности. Пример за тоа е и нашата историја во клубот каде голем дел од настаните беа организирани исклучиво од тинејџери, организацијата вклучуваше: преговори со спонзори и со локалните власти, распоред на буџет, реазлизација на донации итн. Истовремено, претходната дискусија и сите наредни ќе бидат модерирани од страна на членовите на клубот, голем дел од нив првпат се соочуват со предизвик од ваков тип. Со сите досегашни чекори се надеваме дека ќе влијаеме во општеството и ќе ги поттикнеме младите да не се срамат и плашат да ги превземат работите во свои раце, бидејќи нели иднината останува на нас.

# Што подготвувате следно? Што може да очекуваат младите?

Поради ситуацијата со пандемијата, нашиот клуб целосно се ориентираше на „online“ настани, па така до крајот на годината ќе имаме најразлични „online“ дискусии кои што ќе опфаќаат актуелни теми. Сметам дека овие дискусии ќе бидат многу значајни за младите и ќе имаат голем допринос во нивниот ментален развој. Веќе за следната дискусија која ќе биде на крајот на овој месец имаме испланирано гости од САД кои што ќе зборуваат на теми поврзани со мали бизниси и „female empowerment“. Овие теми се исклучиво важни како за девојките, така и за момчињата бидејки овој пат ќе имаме интернационални гледиште поврзани со истите.

# Која е вашата цел? Што сакате да постигнете?

Како што и погоре кажав целта е јасна, сакаме младите да го употребат својот глас и борбеност, која посебно не отсликува нас како тинејџери и отворено да разговараат за нивните проблеми и амбиции. Тежнееме младите да ја разберат важноста на нивната присутност во сите сфери од општеството и да ги употребат нивните модерни размислувања се со цел да се подобри сликата за нашето општество и воопшто да се подобри општеството.

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: