Самата големина на училиштето носи големи предности, но и проблеми - Директорот Канурков за своето училиште

Самата големина на училиштето носи големи предности, но и проблеми - Директорот Канурков за своето училиште

Објавена во: Интервјуа, School zone

СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ е училиште со долгогодишна традиција. Во училишните клупи на ова училиште седеле многу познати лично од економијата и правото, но и од спортот, шоу бизнисот. Професорите, на чело со директор Александар Канурков се трудат ова училиште да им нуди просперитет и добра работа на учениците.

Како еден од проектите преку кои постигнуваат тоа е проектот Ерасмус, раскажува директорот. „Неколку години по ред им ги нудиме проектите Ерасмус каде што еден ученик може бесплатно да прошета во неколку европски земји. Голем број на ученици, досега над 150 успеавме да ги испратиме во неколку европски земји и да видат каков е образовниот систем таму. Се соочија со деца кои се на иста возраст, кои учат слично образование, но сепак многу различно од нашето.“

14 паралелки, поделени по 7 за секоја насока, капацитетот на ова стручно училиште е 476 ученика. „Тоа е убава бројка, големо е училиштето, а со самата големина големи се и предностите, но и проблемите.“ – вели директорот Канурков на оваа тема.

Во последните три години интересот за правната насока е поголем, но според директорот тоа е релативна работа и зависи од потребите кои се јавуваат на пазарот на труд, како и влијанието кое родителите го имаат на своите деца. На пример претходно тоа било економската.

„Па мислам дека заради можностите за вработување, административната работа повеќе е за девојчињата. Но, ова не значи дека треба да ги деградираме професиите на машки и женски, туку едноставно сметам дека занаетчиските училишта се поблиску до момчињата.“ – додава директорот на темата со процентот на момчиња и девојчиња кои учат во ова училиште.

За да ги анимираат и подобро запознаат со идната професија тој ни раскажа какви се соработки имаат учениците од ова училиште -„Правниците имаат одлична соработка со Јавното обвинителство, судовите, посета на казнено поправните домови, додека економските имаат посета на многу бизнис компании, секаде каде што трговијата и економијата се во прв пат.“

Новата опрема во училиштето секако одлично се надополнува со оваа пракса. „Мислам дека во последните години располагаме со добра опрема, за разлика од порано кога таблата и кредата беа единствен пристап до ученикот, сега имаме електронски табли, кои се поврзани со Интернет. Имаме училници кои се поврзани на лцд проектори, каде што колегите им пренесуваат информации од светот. Денес многу е полесно да пребарате некој податок, отколку порано.“.

Менаџерот на Дрен тежнее кон тоа ова училиште да го доведе близу совршенството. Да биде училиште кое ќе си го задржи рејтингот, иако во денешно време тоа е малку тешко, пред сѐ поради самото општество.

„Ќе каже некој порано беше така, но секоја генерација си носи свои карактеристики и свои навики и ние не можеме да бараме нешто што било пред 30 години и сега. Ние гледаме да го развиеме училиште, со тоа што ќе ги отвориме вратите кон Европа, да биде европско училиште. Учениците да имаат пристап до сите европски држави, тоа ни е единствената цел и мислам дека полека ќе успееме.“ – накратко ги раскажа своите идни планови кои како директор се труди да ги оствари.

Интересно за директорот Канурков е тоа што пред да биде директор, најпрво бил ученик во ова училиште, а потоа и професор. За разликите во поглед на образовниот систем тој вели:

„Во мое време се изучуваа повеќе општи предмети (хемија, биологија, физика), кога беше економско училиште имаше повеќе предмети. Но, со програмата 1999 – 2000 имаше реформи во образованието и стана чисто стручно училиште. Ова училиште се насочи економијата и правото, но ова не значи дека општо образовните предмети не се застапено, но во 3-та и 4-та година преовладуваат стручните предмети (економистите изучуваат маркетинг, бизнис, деловно работење, а правниците јавното право, граѓанското право и сл.). Има многу промени од времето кога јас бев ученик, кога се вработив и сега кога сум директор. Практично секоја година носи свое, на пример од септември се започнува со нови наставни програми, ќе видиме какви резултати ќе дадат.“

Ова училиште на 17 и 18 јуни ќе ги отвори вратите за сите оние кои како идна професија ги гледаат правото или економија. 


И. Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: