Сара е самохран родител на близначки со Даунов синдром: Често трпела навреди, а потоа стана инспирација на целиот Балкан
Сара Беро од Подгорица сама ги одгледала близначките со Даунов синдром, кои сега имаат 14 години...
Животната приказна на младата мајка Сара Беро од Подгорица никој не остави рамнодушен и го потресе целиот регион.
Таа на само 20 години ги родила близначките, Ирма и Илда, на кои ѝ бил дијагностициран Даунов синдром, но тоа не ја спречило Сара да се откаже од нив и на своите девојчиња да им даде убаво и безгрижно секојдневие.
„Во првиот момент почувствував како целиот мој свет се руши. Но, верувајте ми дека тоа беше моментално чувство, бидејќи веќе по првиот ден и разговорот со мојот татко ми се промени не само мислењето, туку и свеста во мојата глава. И од тој ден до денес, веќе 14 години, се борам со истиот жар и истата силина за да им обезбедам подобар живот и подобро утро“ - раскажа Сара за „zadovoljna.rs“.
Децата со Даунов синдром се соочуваат со дискриминација на повеќе нивоа, но токму „љубов за љубов“ е мотото на мајките кои ги водат овие битки. Токму од овие причини Сара решила со јавните пораки и проекти кои ги организира, да покаже колку е важно општеството да нема предрасуди кога се во прашање децата со пречки во развој.
„Имаше разни предрасуди. Како што знаете, јас сум прва жена во регионот која јавно почна да зборува за тоа и ја променив свеста во регионот со помош на влијанието на своите социјални мрежи и покажав и докажав дека личностите и децата со пречки во развојот се исти како и сите други и дека имаат исти потреби, а тоа се потребите за љубов, разбирање и поддршка“ - вели Сара.
Сепак, нејзините најголеми стравови поради ќерките биле тука и останеле.
„Најголемите стравови ми се што ќе биде со нив кога мене ќе ме нема. Од првиот ден тоа прашање се врти во мојата глава секој пат кога ќе ги затворам очите“.
Сара зборува и за сето она од кое требало да се откаже за доброто на своите деца, но и што, од друга страна најмногу ја исполнува во мајчинството.
„Се откажав од својата младост, бидејќи на 20 години станав самохрана мајка која деновите, а и годините ги поминуваше по разни болници ширум регионот, разни институции. И така ние три, родендените, славите, новите години ги славевме во болничките соби опкружени со медицински персонал, болнички апарати, студени ѕидови со еден единствен поглед на реалниот свет, во главно преку малите болнички прозорци. И ден-денес, по 14 години, сум многу среќна и мотивацијата за сето тоа беа моите ќерки, нивната насмевка и нивната неограничена среќа. Да можам да го вратам времето, не би променила ништо, туку уште повеќе би се посветила, ако постои и повеќе од ова колку што дадов“.
И Сара на своите ќерки, кои денес имаат 14 години, гледала да им ја даде целата љубов на овој свет, и да направи секој ден да им биде забава и среќа.
А, со текот на време преку социјалните мрежи многу луѓе ги запознале Илда и Ирма, девојчињата кои се занимаваат со манекенство, и кои имаа улога и во еден музички спот.
А што ја поттикнува Сара и што ѝ дава сила во моментите кога ќе почне да тоне?
„Секој пат кога ми е тешко, ги погледнувам и сфаќам дека поради нив морам да продолжам понатаму. Најголема мотивација во мојот живот се токму тие“ - вели Сара која од вториот брак има и трета ќерка.
Како што вели, сите три се согласуваат одлично.
„Близначките се воодушевени и тоа е една неизмерна љубов, секојдневна љубов која си ја даваат една на друга“.
За крај, Сара има порака за жените кои се во слична ситуација.
„Прифатете ги своите деца какви што се, а потоа ќе ги прифати и околината. Не се откажувајте и градете ја својата самодоворба, бидејќи не сме ништо помалку вредни од другите мајки“.
фото: Принтскрин / Инстаграм