Сѐ паѓа во сенка кога ќе добиеш зелено светло од „Харвард“: Битолчанката Мила Ивановска својот сон ќе го остварува во САД
Пред крајот на минатата година ве запознавме со Мила Ивановска, средношколката со големи амбиции и планови, како во поглед на образованието, така во поглед на животот. Оваа младата девојка периодот по интервјуто, не седеше со скрстени раце и работеше на остварувањето на своите планови.
„Во Македонија единствена опција е Природно - математичкиот факултет во Скопје. Гледајќи ги условите изминативе три години, би рекла дека има многу солиден кадар и не се сомневам во знаењето кое би го добила од професорите. Но, гледам два потенцијални проблеми - застарена програма и лоши лабораториски услови со истите вежби кои се правеле многу децении на назад, а светот пребрзо оди напред, има студенти кои и на факултет работат на врвни научни достигнувања, па оттука следува и вториот проблем - немање на научно - истражувачки центри и лаборатории каде би можела како истражувач, а не наставник по физика, да ја продолжам мојата кариера. Па затоа, моментално аплицирам на неколку факултети во странство и тоа Англија, Америка и Франција, но како можност секако го имам и ПМФ Скопје.“ – ни посочи тогаш Мила, а сега само четири месеци подоцна најави дека своето образование ќе го продолжи на реномираниот универзитет „Харвард“.
„Со оглед на тоа што знам англиски и француски, имав аплицирано на вкупно 24 универзитети во Америка, Англија и Франција (само од Сорбона сѐ уште нема стигнато одговор, но веќе го направив изборот). Од сите на кои аплицирав бев примена на 3 универзитети во Англија (University of Manchester, King’s College London и University College London), 3 универзитети во Франција (Ecole Polytechnique Paris, Université Grenoble-Alpes, Paris-Saclay University), и 2 универзитети во Америка (Harvard University и University of Pennsylvania). Има уште 4 факултети во Америка на кои бев ставена на листа на чекање.“ – сподели Мила, која кога станувало збор за одлуката, уште при пристигнувањето на одговорот знаела дека образованието ќе го продолжи во САД.
За процесот на аплицирање и потребните работи кои требало да ги заврши за да може да конкурира на универзитетите на кои сакала вели дека е напорен и процес кој бара максимална посветеност.
„Со подготовките за апликација за студирање во странство започнав уште пролетта минатата година. Правев листа на кои факултети би сакала да аплицирам, што се треба да се направи и кои се роковите... Есента полагав SAT, пишував есеи на разни теми, пополнував апликации, составував CV, барав препораки од професори и ментори од разни области кои работеле со мене…Потоа, откако ги пратив апликациите, со некои од факултетите имав и интервју. Сѐ на сѐ, доста напорна процедура на која треба максимално да се посветиш, но еве на крајот вредеше.“ – посочи младата битолчанка, а потоа посочи зошто „Харвард“ се издвоил од сите останати:
„По што „Харвард“ се издвојуваше - ќе речам дека „Харвард“ е „Харвард“, и освен во некоја исклучителна ситуација навистина е тешко да се одбие. Тука секако влегуваат престижот, ранкинзите и можностите кои се отвораат кога во CV ќе имаш диплома од „Харвард“. Но, и самата средина и интелект со кои таму ќе се сретнеш. Покрај тоа, можностите кои ги имаш на факултетот се бескрајни - и академски, но и во однос на организации и клубови надвор од наставата каде можеш да продолжиш да се занимаваш со твоите хобија, како спорт или музика. Можеш да се вклучиш во истражување уште во прва година, до тебе ја имаш најголемата библиотека во светот, а тука е и салата за јадење која како да е буквално извадена од филмовите на Хари Потер.“
Одлуката, поточно позитивниот одговор од „Харвард“ за Мила значел потврда на она дека соништата навистина се остваруваат.
„Па, искрено мислам дека сите други очигледно по коментариве многу повеќе имале надеж дека ќе влезам на „Харвард“ од самата јас. Не очекував, навистина не очекував, знаејќи го бројот на апликации кои годинава стигнале на Харвард. Деновите пред да стигне одлуката, речиси и целосно имав изгубено надеж генерално за студии Америка со оглед на тоа што ми имаа стигнато негативни одговори од неколку помали колеџи таму, па мислев дека најверојатно ќе завршам Франција. Но, ете кога го отворив порталот и ја видов одлуката и мене не ми се веруваше. Кога им кажав на моите мислеа дека мајтап си правам со нив, а кога го видоа писмото мислеа дека е некоја грешка. Она што јас го мислев во тие моменти е дека соништата навистина се остваруваат, дека секој може да направи сѐ само ако е доволно упорен.“
Како што ни откри Мила, како што се планира во САД речиси сѐ ќе се врати во нормала до наесен и целата настава таму ќе се одвива со физичко присуство. Таа се надева дека сѐ ќе оди по планот и дека конечно ќе стапне во „ветената земја“, како што многумина ја нарекуваат Америка.
„Големи се очекувањата. Никогаш не сум била Америка, така што се надевам дека добро ќе се снајдам во новата средина. Ќе ми предаваат светски познати професори, секако ќе има и многу работа, но со добра организација на времето верувам дека сѐ може да се постигне. На 1 септември почнуваат предавањата, така што ќе треба да пристигнам на кампус недела до две пред тоа - крајот на август.“
Дека Мила ништо не остава на случајноста, говори и фактот што таа веќе има направено детален план, за тоа како ќе патува, потоа знае сѐ што е потребно за сместувањето и самото студирање.
„Сместувањето е на кампус во кој се сместени речиси сите студенти кои студираат на „Харвард“. Патувањетодо Бостон ќе биде секако авионски. Во однос на плаќањето, програмата за финансиска помош на „Харвард“ исто така беше една од важните работи кои требаше да се земат предвид кога се носи одлуката. „Харвард“ се издвојуваше од повеќето факултети во Европа во однос на тоа што нудеше финансиска помош и за интернационални студенти, и тоа целосна финансиска поддршка за ученици кои доаѓаат од фамилии чиј годишен приход е помал од 65.000 долари годишно. И во мејлот кој ми стигна откако бев примена, беше нагласено дека влегувањето на „Харвард“ е тешката работа, а потоа финансиите за да можеш да студираш на „Харвард“ не треба да ти претставуваат никаков проблем.“
Сонот на оваа матурантка немало да стане реалност без поддршката од оние кои биле покрај неа и на било кој ѝ помогнале во остварувањето на истиот.
„За крај, сакам да кажам едно големо благодарам за сите оние кои помогнаа во мојот образовен процес - наставниците од основното училиште „Даме Груев“ и основното музичко училиште, професорите од Горната Гимназија, професорите од ПМФ од катедрите физика, хемија, биологија и математика, соработниците и професорите во научно - истражувачкиот центар „Петница“, професорките од „English Together“и Француската Алијанса - Битола, професорите со кои дополнително соработував, тренерите по скијање, како и од КК Младост и ПК Југ, Филип, Бујо и Билето кои многу ми помогнаа при аплицирањето и секако на крај фамилијата и сите другари без чија поддршка овој сон немаше да стане јаве.“
Ивана Мисајловска