Се трудиме да го извлечеме масимумот од состојбата во која се најдовме: Маја Салиу, директорката на „Медицина“ за учењето од дома
Оваа состојба која дојде сосема неочекувано и донекаде сите не фати неподготвени, особено образованието, е вистински предизвик за сите. Секоја образовна институција на свој начин се справува со овој проблем и на најразлични начини и преку најразлични алатки ја спроведува наставата.
Како и сите останати училишта, така и Средното Медицинско Училиште на Град Скопје “Д-р Панче Караѓозов”. Од ова училиште излегуваат идните здравствени работници, на кои секој час, особено оној практичниот им е од особено значење. Поради ова, поразговаравме со Маја Салиу, директорката на училиштето, која детално ни посочи како тие се снаоѓаат во оваа ситуација, за која како што и самата потенцираше, се надева дека ќе заврши наскоро, за да може учениците се вратат во училишните клупи со цел да добијат поквалитетен образовен процес.
# По кој принцип, односно на која платформа вашето училиште го спроведува онлајн учењето?
Согласно насоките од МОН за учење на далечина/учење од дома, наведени се повеќе платформи односно е-алатки кои можат да се користат за таа намена. Во нашето училиште доминираат платформи за видео-конференциска врска како најсоодветна замена за традиционалните часови (Zoom, Skype, Webex и сл.) Исто така, би ги издвоила Google Classroom и ClassDojo како најинтегрирани кои дозволуваат двонасочна комуникација помеѓу учениците, наставниците, а доколку е потребно и со родителите. Дополнително, тука се Viber, WhatsApp, Messenger – Facebook и добрата стара е-пошта, каде се прават групи за споделување наставни материјали и линкови и нормално се спроведуваат и дискусии.
# Дали и како се контролира целиот процес?
Формиран е училишен тим за поддршка и следење на реализација на далечинско учење, односно учење од дома со примена на средства за електронска комуникација, кој во координација со раководството на училиштето води евидениција за реализираните активности на неделно ниво. Наставниците испраќаат извештаи за начинот и динамиката на реализација на активностите (по претходно утврден распоред) пропратени со збирки на докази (е-портфолија) за нивната и работата на учениците.
# Бидејќи практичната настава е еден од клучните предмети во вашето училиште, како ја спроведувате истата?
Засега, согласно насоките практична настава се спроведува преку споделување видео материјали од страна на наставниците и изработување на истражувачки проекти и видеа со сработеното од страна на учениците.
# Кој е вашиот став - Дали онлајн учењето влијае негативно врз знаењето кое го добиваат идните медицинари?
Сите сме свесни дека е невозможно на овој начин да се заменат условите што ги нуди училиштето како и соодветните институции каде се обавува практичната настава. Ве уверувам дека се трудиме да извлечеме максимум од состојбата во која се најдовме согласно ресурсите и вештините со кои се располага. Се надевам дека ова брзо ќе го надминеме и ќе се вратиме на настава во училишните клупи (секако и понатаму потпомогнати со технологијата) со цел да пружиме квалитетен образовен процес и да продолжиме да продуцираме солидни кадри кои и во иднина ќе бидат дел од нашиот здравствен систем.
# Како го прифаќаат учениците и професорите овој начин на учење?
Секоја промена природно преставува предизвик, ама бара и да се излезе надвор од „комфор зоната“. Разбирливо, тоа наидува на негодување па и отпор, но што е тука е. Фактот што ваквата ситуација дојде прилично ненајавено, не остава многу простор за избор особено што нашиот образовен систем нема подготвено унифицирана платформа и ресурси за средното стручно образование. Но, морам да истакнам дека и наставниците и учениците максимално соработуват и се посветени во спроведување на сите насоки во зададените рокови, секако адаптирајќи се на условите најдобро што умеат.
# Имате ли веќе изработено план по кој принцип ќе ги оценувате учениците?
На 25.03.2020 беше објавено Упатство за оценување во услови на учење на далечина/ учење од дома од страна на Министерството за Образование и Наука. Нормално, ние сме обврзани да постапуваме согласно овие насоки. По однос на ова, да потсетам дека третото тримесечје е започнато уште на 20.01.2020 г. и наставата се одвиваше редовно се до 10.03.2020. Во целиот тој период професорите веќе практикуваа формативно оценување. Со продолжувањето на наставата следствено продолжува и процесот на оценување кое не е ништо друго освен следење на постигањата на учениците. Пресекот на тримесечјето е наша законска обврска. Секако дека се води сметка за ангажманот и постигањата на учениците пред, но и за времетраењето на оваа состојба.
# Имаше многу реакции по однос на претстојната Државна матура. Кој е Вашиот став по однос на тоа?
Државната матура се базира на наставниот материјал од предмети кои се изучуваат скоро во сите години од средното образование. Учениците би требало континуирано во целиот процес да акумулираат знаења по тие предмети. Со оглед на ситуацијава, можеби би требало да се интервенира во опфатените содржини кои ќе се тестираат или пак да се пролонгираат роковите; во секој случај треба да се најде начин кој ќе биде во најдобар интерес на учениците. МОН сигурно ќе ги разгледа сите опции за во најбрз можен рок да се изнајде најдоброто решение.
Ивана МисајловскаМоже да ве интересира: