Сестрите Илина и Ева најдобри во Бундес лигата
Илина Соколовска го освои првото место на натпреварот по ритмичка гимнастика наречен OWL, куп кој се одржа пред неколку дена во германскиот град Белефилд.
На овој натпревар настапи и нејзината помала сестра Ева, која со девет години во нејзината категорија го освои второто место. Илина со оваа победа ја отвори сезоната на натпревари во Бундес лигата и иако според годините е мала, сепак, заради големиот талент и досегашните резултати, од оваа година таа ќе се натпреварува во сениорската категорија во германската прва лига, каде учествуваат и гимнастичарки до 20 години.
- Илина беше перфектна, заслужено го освои златниот медал. Настапи во две категории, јаже и топка и ги освои највисоките поени од комисијата. Ева, пак, досега на сите натпревари победувала, но овој пат настапи со јаже и соло и освои сребрен медал. Ме радува што Илина со победа ја отвори сезоната во Бундес лигата иако не беше лесно бидејќи настапуваше со девојчиња кои се по неколку години постари и поискусни од неа. Но се подготвуваше четири месеци. Од август работи на кореографиите и тоа со нејзиниот тренер Мариа Габриела Тромпетеро од Венецуела, која зад себе има големо минато со светски резултати - вели нивниот татко Горан Соколовски.
За да дојдат до овие големи резултати Илина и Ева тренираат секој ден по неколку часа. Затоа овој куп го почнаа со злато и сребро, што значи дека ги очекува светла иднина во Бундес лигата. Првиот официјален Бундес натпревар Илина ќе го има наскоро во градот Кобленц а потоа вториот во Берлин.
Илина и Ева со родителите живеат во Германија, но на натпреварите на домашен терен и на интернационално ниво овие две македонски сонца учествуваат со македонски пасош.