Со Дарко и по 20 години не сме се промениле, имаме само по некоја брчка повеќе: Во прво лице со Марија Шерифовиќ

Со Дарко и по 20 години не сме се промениле, имаме само по некоја брчка повеќе: Во прво лице со Марија Шерифовиќ

Објавена во: Живот // Живот

Марија Шерифовиќ е една од најпознатите пејачки на Балканот, а во прилог на овој факт оди и тоа што во 2007 година, во Србија го донесе најголемото музичко натпреварување - „Евровизија“. Таа година, цела Европа падна на нејзиниот раскошен глас, но и на „Молитва“, песната која и денес, по 16 години, публиката бара од неа да ја испее на концертите.

Дека ја сака својата професија досега има потврдено повеќе пати, како што има и посочено дека најомразен дел од истата ѝ е давањето интервјуа. Да може, како што вели, со задолство би го избегнала тој дел од својата професија, но сепак кога ќе се согласи да зборува, тоа го прави посветено и во свој стил – без глума, влакна на јазикот, а во исто време кратко и јасно.

Екслузивна можност да поразговара со пејачката која во исто време е „Паметна и луда“, имаше и Женски магазин, а во разговорот со неа, имавме и можност да ја слушнеме како зборува македонски.

Оваа година е јубилејна за музичката ѕвезда – поточно слави 20 години кариера. Сето ова е поврзано со нашата земја, поточно со еден од најпознатите македонски композитори Дарко Димитиров, во чие студио во Скопје, Марија го сними својот прв албум. Токму затоа ја навративме во таа 2003 година, а еве што кажа за тоа колку и дали таа и Дарко се промениле во изминатите 20 години.

- Оваа година се моите први 20 години од кариерата и пеењето. Секогаш е задоволство да се работи со Дарко и донекаде е интересно да се присетиме кои сме и што сме биле пред точно 20 години. Она што е најзначајно е тоа што не сме се промениле воопшто, што и понатаму останавме добри соработници, приземни луѓе, добри уметници, добри другари... Имаме само некоја брчка повеќе.

Токму пред јубилејот, таа во студиото на Дарко ја сними својата нова песна „Добар вам дан“ – песна која ѝ ја подари на публиката пред крајот на минатата година. Марија ни откри зошто се решила да ја објави пред излегувањето на новиот албум.

Тоа требаше да биде насловна песна на албумот, но со оглед на тоа што не знам кога ќе го завршам албумот се надевам дека ќе биде оваа година, решивме 2022 година да се заврши со песната „Добар вам дан“, бидејќи мислам дека е адекватно и време и година и момент. Драго ми е што голем број луѓе ја разбраа.

Последниот студиски албум го објави во 2014 година, а иако низ годините промовираше неколку синглови со кои ја воодушеви публиката, нејзините обожаватели се желни за нова музика од неа. Марија искрено се надева дека до крајот на годината ќе успее да го „спакува“ целиот проект и како секогаш да го даде најдоброто од себе.

- Оваа година. Не знам точно кога, сигурно нема да биде на пролет. Ајде да кажеме до крајот на оваа година, за што јас искрено се надевам дека ќе успеам.

Покрај својата музичка кариера, таа веќе 7 години е дел од жирото во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“. Дека и таму е и повеќе од успешна говори и фактот што во две сезони имаше победници од нејзиниот тим, но и тоа што многу од кандидатите сакаат токму таа да им биде ментор. Оттука се наметна и прашање зошто сите сакаат да бидат дел од нејзиниот тим?

- Мора да ги прашате нив. Јас никогаш не би се одбрала себе.

„Ред, работа и дисциплина“ е мотото по кое треба да се водат нејзините кандидати. Многу од нив во интервјуата кои ги даваат велат дека Марија е строг ментор, а еве што вели таа, кога е ова тема во прашање:

- Па, не знам, тоа е повторно прашање за нив. Но, јас сметам дека така треба.

Општо мислење во јавноста е дека Шерифовиќ е дрска, безобразна, арогантна, но секој кој барем еднаш бил дел на некој нејзин настап веднаш го променил мислењето. И самата ни потврди дека на сцена се случува некоја магија и на македонски ни посочи дека тоа ќе биде нејзина тајна, која не би ни ја открила.

- Ако јас сега кажам во што тајната, тогаш магијата би се изгубила. Тогаш би исчезнал тој икс фактор.

Пандимијата на коронавирус си го направи своето, па многумина во тој период почнаа да се испробуваат во нови професии. Истото го направи и Марија, која од пејачка премина во јутјуберка. Иако короната заврши, таа сепак знае по некогаш да објави некое видео со кое ќе ги расположи своите следбеници на Јутјуб. Во видеата кои ги објавува, често можеме да видиме како ужива во храна, а следствено на тоа што е голем гурман, мораше да ја прашаме и која храна од Македонија ѝ е омилена.

- Ги сакам вашите сирења. Сакам да јадам сирење. Сакам да јадам пиперка во масло, сешто сакам да јадам, зошто ме прашувате мене што сакам да јадам, сѐ сакам да јадам.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Живот // Живот

Можеби ќе ве интересира: