Социјалните мрежи предизвикуваат депресија кај тинејџерките: Експертите ги открија причините за тоа?
Тинејџерките имаат двојно поголема веројатност да доживеат симптоми на депресија поврзана со употреба на социјални мрежи отколку момчињата, најмногу поради злоупотреба на Интернет, нарушувања во спиењето, како и незадоволство од нивното тело и слаба самодоверба, покажуваат резултатите од истражувањето во Велика Британија.
Во студија која анализирала податоци за скоро 11.000 млади луѓе во Велика Британија, истражувачите заклучиле дека четиринаесетгодишни девојчиња се почести корисници на социјални мрежи, меѓу кои две петтини од нив користат социјални мрежи повеќе од три часа на ден, додека истото го прават една петтина од момчињата.
Студијата открива дека 12 проценти од умерените корисници на социјални медиуми и 38 проценти од оние кои ги користат социјалните медиуми подолго (повеќе од пет часа на ден) имаат знаци на потешка депресија.
Кога станува збор за процесите што можат да бидат поврзани со употребата на социјалните медиуми и депресијата, истражувачите откриле дека 40 проценти од девојчињата и 25 проценти од момчињата доживеале злоупотреба на Интернет.
Нарушувањата во спиењето се јавуваат кај 40 проценти од девојчињата, додека кај момчињата тоа е околу 28 проценти. Анксиозноста и лошиот сон се поврзани со депресијата, објави Хина.
Девојчињата исто така се изложени на поголем ризик кога станува збор за поврзаноста помеѓу користењето на социјалните мрежи и грижата за изгледот на нивното тело, како и самодовербата, но во овој случај, разликата помеѓу девојчињата и момчињата е помала, покажа истражувањето.
Ивон Кели, професор на Лондонскиот институт за епидемиологија и здравствена заштита, кој е еден од водачите на истражувањето, ги повика родителите и политичарите да обрнат внимание на резултатите од студијата.
„Овие резултати се многу релевантни за развој на насоките во врска со безбедно користење на социјалните мрежи и тие ја повикуваат индустријата порешително да ги регулира часовите на користење на социјалните медиуми за младите“- рече Кели.
Таа додаде дека семејствата треба да размислат и за ограничување на употребата на мобилни телефони во спални соби на тинејџерите, како и „кога и каде е во ред да се поминува време на социјалните мрежи“.
Истражувањето, финансирано од Советот за економски и социјални истражувања на Обединетото Кралство (ESRC), беше објавено на Интернет во петокот во списанието „EClinicalMedicine“.
Извор: hejmagazin.rs
фото: freepik.com