Сопругата на Зеленски со емотивно интервју: Нашата врска е на пауза, не сум го видела сопругот два месеци
Сопругата на Зеленски - украинскиот претседател, вели дека тешко е да му објасни на син ѝ каде е неговиот татко, таа во интервју за Си Ен Ен вели дека нејзината врска со сопругот е „на пауза“ поради војната со Русија и дека „чекаат повторно да се обединат“ со своите деца.
Првата дама откри дека долго време не го видела својот сопруг, украинскиот претседател Володимир Зеленски и вели дека „не е нормално“ нивните деца да можат да разговараат со својот татко само по телефон.
Двајцата одбија да ја напуштат Украина кога руската армија започна напад на 24 февруари, а наместо тоа останаа во Киев да ја водат земјата во воени околности. Тие добија пофалби од целиот свет за нивниот решителен пркос на рускиот претседател Владимир Путин.
Но, тоа значи дека од безбедносни причини тие можат да се видат само повремено и за многу кратко време.
- Ова не е нормално. Не е нормален однос кога децата не можат да го видат својот татко и мораат да разговараат со него на телефон. Значи, нашата врска е на пауза, исто како и за сите Украинци. Чекаме повторно да се собереме, повторно да бидеме заедно, да поминуваме вечери заедно, да разговараме со децата за нивните работи - рече Зеленска.
Двојката воопшто не се видела во првите два месеци од војната додека руските сили го нападнале Киев, а украинските вооружени сили биле вклучени во тешки борби за да ја избркаат руската војска од предградијата на главниот град.
Претседателот остана во својата канцеларија во Киев опкружен со неговите заменици и советници за безбедност да ја водат одбраната на земјата, додека Елена Зеленска и нивните деца Олександра (17) и Кирило (9) заминаа на непознато место.
Откако војниците на Путин се повлекоа од Киев и кога повторно се разгореа борбите во источниот регион Донбас, парот накратко повторно се сретна.
- Се уште не можеме редовно да се гледаме, но барем физички го чувствувам покрај себе - рече Зеленска.
Зеленска (44) додала дека, иако на нејзината 17-годишна ќерка и било полесно да објасни што се случува во земјава, нејзиниот деветгодишен син прашувал каде е неговиот татко.
- Верувам дека децата сè јасно разбраа уште од првиот момент - рече таа и додаде:
- Мојот син се труди да биде многу храбар. Постојано прашуваше за тато, прашуваше што прави за да ја одбрани државата – рече таа.
Првата дама на Украина изјави и дека нејзиниот син почнал да му дава воени совети на својот татко.
- Мојот син е политиколог во подем, тој знае се, ни дава воени совети, а исто така и на неговиот татко... Какви тенкови, авиони, хеликоптери да купи, што ни недостасуваат. Кои земји ни помагаат лошо, кои ни помагаат добро. Тој е воен експерт, за тоа можете да разговарате со месеци со него - рече Зеленска.
Украинскиот претседател и првата дама се во брак речиси дваесет години.
Тие пораснаа во истиот град Криви Рих, но се запознаа дури кога пораснаа, кога Олена, како сценарист на комедии, се приклучи на продуцентската куќа на Владимир Зеленски Студио Квартал 95. Се венчаа во 2003 година и добија две деца.
Фото: Принскрин/Си-Ен-Ен