Срце за секој ученик: Наставничката Цанка од Неготино ги посети своите ученици
Пандемијата на коронавирус на сите ни го измени начинот на живот. Родителите започнаа да работат од дома, а учениците започнаа да учат на далечина. Имено, предавањата, испрашувањата и тестовите ги правеа онлајн од своите домови, а од март па се до крајот на учебната година училиштата ширум државата останаа без детскиот џагор.
Досега многу просветни работници и ученици се издвоија со своите успеси и дела за време на кризата, но последната наставничка во оваа низа која доаѓа од Неготино убедливо води во „битката“. Цанка Костова предава во Основното училиште „Страшо Пинџур“, а поради желбата да добие искрена прегратка од своите ученици, која ја добива на крајот од секоја година, направи еден неверојатен гест.
Имено, таа подготви по еден мал скромен подарок за нејзините ученици и лично им ги достави до дома за да може да ги види барем од далечина. Наставничка го сними секој ученик и на своите профили сподели емотивно видео во кое ја има реакцијата по посетата.
„Точно на 100-от ден од кога не сме на училиште, моите ученици имаа едно поразлично утро. Како времето минуваше бев решена за миг да ги видам дечињата - па и да е само од далечина... Кога желбата и професијата се љубов - тогаш делата зборуваат... За кратко време беше спремно и реализирано. Беше ден различен од другите, ден полн со изненадување и емоции... Ден полн со насмевки и среќни лица... Голема благодарност до родителите за соработката и вниманието“ - напиша покрај видеото посветената наставничка.