Средба со писателот Владо Јаневски во „Литература.мк“ на ул. „Македонија“
Македонскиот писател Владо Јаневски, кој живее и работи во Австралија, ќе одржи средба со читателите на 31 мај (среда), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“. На настанот ќе бидат претставени неговите книги во издание на „Арс Ламина“: романот „Мртвите знаат најдобро“ (добитник на наградата „Пегаз“ за 2020 година), „Смртта не е крај“ (објавен во 2022 г.) и сликовницата „Луѓето и змејовите“, која неодамна излезе од печат во соработка со Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.
Владо Јаневски е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Роден е во Македонија, каде што завршил високо образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Негови објавени дела се: стрипот „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип квадрат“, 2023), сликовницата „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), романот „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022), романот „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, 2020), романот „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, 2020), романот „Под друга капа“ („Магор“, 2019), романот „Made in Jabana“ („Слово“, 2004), збирката наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, 1985). Застапен е и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, 2021). Кратката бајка „Папагалот и кучето“ од Јаневски е дел од збирката со раскази за деца „Детелинки-белинки“, во издание на „Арс Ламина“.
Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 за сценариото „Под друга капа“ и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината за 2020 година, за ракописот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007, 2021, 2022) и „Современост“ (Скопје, 2022).
Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувал карикатури во познатото австралиско списание „The Bulletin with Newsweek“. Неговите стрипови „Палавковците“ и „As Long As We Try“ редовно се објавуваат на „Фејсбук“ и на неколку портали и се следат од поголем број читатели. Работи и како уредник за книжевно и ликовно творештво во списанието „Везилка“, каде што претставува македонски автори кои живеат надвор од Македонија.
Книгите од Владо Јаневски се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн, преку www.literatura.mk.
*Пр објава