Свири на гајда од 5, а на 9 години свиреше пред претседателот Пендаровски: Интервју со Теодор Грујоски

Свири на гајда од 5, а на 9 години свиреше пред претседателот Пендаровски: Интервју со Теодор Грујоски

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Теодор Грујоски е основец, кој учи во О.У. Д-р. Трифун Пановски во Битола, каде што е четврто одделение. Иако има само 9 години, на неговиот талент, кој не е вообичаен за неговите врсници, многумина му завидуваат.

Свири гајда од 5 години, а иако е толку млад уште сега освојува награди и признанија. Една од последните награди кои ги има освено е највисоката награда на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски", по која што претседателот на нашата држава, Стево Пендаровски го посети во неговиот дом.

Малиот Теодор за Хаштаг откри колку сево ова го прави горд, но исто така раскажа колку е тешко да се свири на овој инструмент.

# Од колку години започна да свириш гајда? 

Гајдата почна да ме интересира од 4 години, а почнав да свирам од  5.

# Кој ти ја пренесе љубовта кон овој музички инструмент и музиката воопшто? 

Љубовта кон фолклорот ми ја пренесоа мојот татко Синиша и дедо Љупчо, кои долги години го негуваа македонскиот фолклор. Татко ми свири на гајда 30 години. 

# Колку е тешко да се свири гајда? Колку време ти беше потребно да совладаш овој инструмент и кој ти помогна најмногу во ова? 

Гајдата е тежок инструмент за свирење, бара многу техника, освен талент. Најмногу ми помогна татко ми со неговите насоки и совети. Мене не ми е тешко да свирам, напротив - задоволство ми е. 

# Дали свириш и некој друг инструмент и секако кој?

Одам и во нижото музичко училиште во Битола и свирам и на пијано и на хармоника, а од народните инструменти, свирам на кавал и тапан. 

# На фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски", ја доби највисоката наградата, која сигурно не ти е единствена. Која награда можеш да ја издвоиш како омилена? 

Сите награди ми се драги, а оваа посебно, затоа што во Македонија, во светот на изворното свирење е највисоката награда што миже да се добие. 

# Која песна ти е омилена за изведување? 

Има многу песни и ора кои сакам да ги свирам, една од поомилените ми е „Сношти е Добра доцна седела“. 

# Имаше средба со претседателот на нашата држава. Колку оваа средба ти значи на тебе? Какво искуство беше тоа? 

Да, претседателот ми направи огромна чест што ме посети во мојот дом и што беше запознаен со музиката која ја сакам и ја изведувам. Ми значи многу, зашто не секој има можност да свири пред претседателот на сопствената држава. 


# Која е твојата цел за во иднина? Кога ќе пораснеш сакаш да продолжиш да се занимаваш со музика или имаш некоја друга желба? 

Би сакал да продолжам да учам во средното музичко училиште кога ќе завршам основно. Сакам да останам во светот на музиката и еден ден се надевам дека ќе студирам на музичката академија.

И.М.


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: