Татко ни 38 години работеше во Зоолошка, писателката на „Пипи долгиот чорап“ напиша книга за него: Интервју со Маја и Ристе Трајковски

Татко ни 38 години работеше во Зоолошка, писателката на „Пипи долгиот чорап“ напиша книга за него: Интервју со Маја и Ристе Трајковски

Објавена во: Stars // Интервјуа

Никој не остана рамнодушен на  фотографиите од скопската Зоолошка потпишани од Горан Анастасовски кои минатата недела станаа вирален хит и за кои пишуваа дури и уредниците на National Geographic. Иако јавноста дури сега дозна за него, јунакот од фотосесијата, негувателот Ристе Трајковски има голем багаж кога е во прашање грижата за животните. Додека траеше еуфоријата околу оваа „специјална врска“ со жирафите, дознавме информација која прилично нѐ фасцинира. Таткото на Трајковски кој исто така работел во Зоолошка цели 38 години, бил инспирација светски познатата писателка Астрид Линдгрен да ја напише познатата книга за деца „Марко од Југославија“. Ристе со задоволство ја прифати нашата покана да ни раскаже повеќе за оваа приказна, а во разговорот ни се приклучи и неговата сестра Маја со која заедно се грижат за жирафите. Токму таа го наследила работното место на татка си по неговата смрт.

* Ристе, Вашата „специјална врска“ со жирафите стана вирален хит откако фотографот Горан Анастасовски сподели серија фотографии кои ги пренесоа и повеќе светски медиуми. Иако јавноста дури сега дозна за Вас, Вие имате багаж кога е во прашање грижата за животните. Како почна сѐ?

Ристе: Во Зоо Скопје работам од 2002 година. На почетокот работев со копитари на првиот реон, потоа со диви ѕверови, а од 2012 година сум зоо негувател на трите жирафи со кои навистина имам изградено специјална врска за овие седум години.

* Вие се грижите за Флопи, Тебого и Каспер веќе седум години, практично од моментот кога пристигнаа во скопската Зоолошка. Која е нивната, но и Вашата дневна рутина?

Ристе: Откако ни почнува работното време, најпрво јадат зоб ( јачмен и пелетирана храна). Потоа ги полниме хранилките со сено, а во меѓувреме стигнува главното јадење- јаболко, морков, праз, кромид. До 10 часот веќе е завршена првата тура на хранење. Каспер, Тобого и Флопи моментално се во внатрешните живеалишта, каде што го поминуваат целиот ден кога надвор е студено и врнежливо.

Маја: Интересно за нив е што ретко спијат, се случува да дремнат половина час во текот на денот. Тие се неми, не испуштаат звуци, но се први за меѓусебно галење. Секој ден сакаат да им се посвети внимание и штом не видат, чекаат и ние да се погалиме со нив, тоа ни е секојдневна рутина- галење и зборење со нив, исто како да чуваш деца.

* Што прво правите наутро кога ќе стигнете на работа? Како Ви поминува еден ден во Зоолошка?

Ристе: Најпрво ги набљудуваме трите жирафи, дали се добри, каква е нивната здравствена состојба, дали функционира греењето, каков е нивниот измет од ноќта. Во текот на денот ги чистиме и средуваме внатрешните и надворешните живеалишта, работиме со Каспер, Тобого и Флопи и им посветуваме многу внимание и многу љубов. Во зима сме тука 8 часа дневно, а преку лето по 12 часа.  Постојано сме со нив и внимаваме се да биде во најдобар ред.

* Овој период претпоставувам дека сте фокусирани како животните да ја поминат зимата во подобри услови. Еве конкретно за жирафите, како овие животни ги поднесуваат ниските температури?

Ристе: Тие се многу чувствителни на надворешните зимски температури, па затоа во внатрешното живелиште имаат парно греење и клима.

Маја: Температурата мора да биде од 20-22 степени и затоа секојдневно го проверуваме термостатот, за да бидеме сигурни дека температурата е оптимална. Доколку има убави сончеви денови во текот на зимата, ги пуштаме надвор.

* Она што го дознав деновиве додека траеше целата еуфорија со фотографиите прилично ме фасцинира. Вашиот татко бил инспирација за светски познатата писателка Астрид Лингрен да ја напише познатата книга за деца „Марко од Југославија“. Која е приказната?

Маја: Кога бил мал татко ми, во училиштето „Климент Охридски“ дошла писателката и прво го заприметила него затоа што било пегаво и палаво дете. Тука седела две три недели, дури и сакала да го однесе во Шведска, но баба ми и дедо ми не го пуштиле. Знам дека во Шведска тоа е најпродавана книга за деца и сите го знаат детето со прасето, но за жал ние не можеме да го добиеме примерокот од книгата и ја немаме во нашата колекција.  Нашиот татко на јубилејот на писателката во Шведска Амбасада беше почесен гостин.

Ристе: Нашиот татко Драги за жал почина во 2012 година, а мојата сестра дојде да работи на неговото место во Зоолошката градина. Љубовта кон животните ја наследивме од него, бидејќи тој во Скопје Зоо работеше дури 38 години.

* И покрај едукативните табли со забрана за хранење, поголемиот дел од посетителите продолжуваат несовесно да се однесуваат. Што велат Вашите искуства?

Маја: За жал има доста несовесни посетители кои и покрај предупредувањата сакаат да хранат и да вознемируваат животни. Постојат големи опасности за жирафите, на пример тие не можат да изедат цело јаболко или морков, може да се задушат, затоа секојдневно два часа трошиме во сецкање на храна. Апелирам секогаш до посетителите да не се доближуваат до нив и да не се ни обидат да ги хранат.

Ристе: Се надевам дека во скоро време ќе има казни за несовесните посетители, па така ќе се редуцира нивната бројка и ќе го решиме долгогодишниот проблем.

Ѓорге Стојанов (Превземено од Женски магазин)


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: