Теодора Трајковска (22): Тоа што ја победив леукемијата пред 12 години ми беше поттик за да волонтирам во САНО и Детската клиника
На само 10 години Теодора се има изборено со леукемија, тоа за неа било поттик за да почне да волонтира во САНО и на Детската клиника, сега, на 22-годишна возраст таа е среќна што може да им помага и да ги расположи дечињата на клиниката каде што таа некогаш се лекувала.
Откако почнала да волонтира животот ѝ се променил, и има желба да се вработи како медицинска сестра на Детската клиника, на хемато-онколошкиот оддел, и да биде покрај тие дечиња, да им помага и да се грижи за нив како што за неа се грижеле медицинските сестри и докторките додека таа се лекувавала. Од волонтеризмот вели дека никогаш не би се откажала.
Волонтеризмот кај нас не е многу развиен, многу од младите дури и не се запознаени со неговото значење, но се надеваме дека приказната на Теодора ќе поттикне многумина од вас да почнат да волонтираат.
#Што те поттикна да станеш волонтер на Детската клиника кај дечињата болни од рак?
-Од секогаш сум сакала да помагам на оние на кои што им е потребна помош, емпатијата е едно чуство кое сметам дека секој човек го крие во себе, само треба да се случи правиот момент за тоа да излезе на виделина. Мојата приказна, односно тоа што ја имам победено леукемијата пред 12 години, ми беше дополнителен поттик да почнам да волонтирам во САНО и Детската клиника.
#Зошто се одлучи за работа со деца? (опиши ни накратко еден ден со нив)
-Со децата никогаш не е досадно, тие се полни со љубов, желба за дружење, игра и комуникација во секое време. Во времето јас додека се лекував на хемато-онколошкиот оддел, за жал немаше волонтери кои нè анимираа и поминуваа дел од денот со нас. Токму поради тоа ние како волонтери од САНО правиме се за да им го разубавуваме и олесниме периодот поминат во болница на децата, во зависнот од нивната моментална желба и расположение, заедно боиме, цртаме, играме најразличи игри, читаме приказни или пак разговараме. Кога ќе дојдеме на клиника тие не пречекуваат со насмевка, а исто така и нè испраќаат со насмевка и желба за утре да се дружиме повторно.
#Се имаш изборено со леукемија на 10-годишна возраст, раскажи ни за твојата борба и како влијаеше на тебе како на девојче пред прагот на тинејџерските години?
-Борбата со леукемијата ја водев на моја 10-годишна возраст, процесот на лекување траеше 7 месеци. Лекувањето со состоеше од хемотерапија и радиотерапија. Во текот на лекувањето моете семејтво ми беше најголемaта поткрепа, како и мојата најдобра другарка Тамара со која до денешен ден се дружам. Таа кога имаше слободно време доаѓаше и ме посетуваше во болница. Додека траеше лекувањето се обидував цело време да бидам со позитивна мисла, и во најтешките моменти, како девојче што беше на прагот да зачекори во тинејџерските години, најмногу ме погодуваше тоа што ми беше ограничено дружењето со другарите, како и тоа што ја изгубив косата, што тогаш ми ја намали самодовербата.
#Сега си дел од САНО здружението, за какво здружение станува збор и од што се состои твојата работа таму?
-САНО е здружение кое се грижи за подобро здравје, образование и социјална грижа со посебна емпатија кон децата со малигни болести. Јас од јули 2018 година сум активен волонтер во здржението. Ние како здружение се залагаме за подобрување на условите за лекување и престој на децата и нивните родители во болница, подигнување на јавната свест за децата со малигни болести како и давање психолошка помош како на децата така и на родителите.
#На кои проекти работите моментално со САНО?
-Покрај вообичаените проекти на кои работиме во текот на годината, а тоа се обележуањето на 15 Февруари – Меѓународниот ден на деца заболени од малигни болести, Златен Септември – месец на подигнување на јавната свест за овие деца, активно работење и оддржување на Родителската куќа, исто така и проектот „Читање приказни за добра ноќ”, наш најнов проект на кој работиме е „И вистинските херои носат перика”.
Станува збор за проект кој за прв пат се реализира во нашата земја. Целта на овој проект е изработка на перики од природно влакно кои ќе бидат наменети за децата кои се лекуваат на хемато-онколошкиот оддел при Детската клиника. Овој проект за многу кратко време наиде на голем одзив од јавноста, на наше голема задоволство. Сакам да апелирам и да ги поттикнам, сите заинтересирани да се вклучат во овој проект и да донираат коса, да нè контактираат на нашата страна на Facebook и Instagram и да станат нечиј херој.
#Волонтеризмот кај нас не е многу развиен, младите или не се запознаени или не се одлучуваат на таков чекор, како млад волонтер, зошто би им препорачала на младите да волонтираат, како би ги поттикнала?
-Волонтеризмот не ми беше близок поим сè додека не почнав активно да
волонтирам во САНО и на Детската клиника, од тогаш можам да кажам дека живот ми
се промени. Секогаш кога ќе поминам барем неколку часа со некое детенце кое се
лекува на Детската клиника или пак ќе поразговарам со некој родител чие дете
моментално се лекува, се чуствувам посреќно и исполнето, знаејќи дека на некој
барем малку сум му помогнала во целата таа голгота.
На младите кои што не се
занимаваат со волнотерство или пак се двоумат да почнат да волонтираат, би им
рекла дека волонтеризмот е искуство за цел живот. Постојано се надградувате
себе си, учите нови работи, се запознавате со нови луѓе, откривате вештини кои
не сте знеле дека ги поседувате и најважно од сè помагате, како на општеството така
и на себе, вашето малку внимание на некому му значи многу.
#Добитник си на наградата „13 ноември" за хуманитарна активност, колку таквите признанија ти даваат поттик да продолжиш да го правиш тоа понатаму?
-Андријана, Бојан, Тео, Филип ( кој за жал не е повеќе меѓу нас) и јас ја
добивме наградата „13 ноември" за хуманитарна активност. Тоа се случи
сосема неочекувано, ние работиме и се трудиме за подобро утре за децата кои се
лекуваат на Детската клиника, а наградите само ни покажуваат дека некој ја
забележува нашата работа и тие ни се само поттик за уште повеќе да се вложуваме
и посветиме на тие дечиња.
#Од пред еден месец дипломираше на медицинскиот факултет насока Стручна медицинска сестра, кои се твоите планови и дали ќе продолжиш со волонтерство?
-Имам желба да се вработам како медицинска сестра на Детската клиника, на хемато-онколошкиот оддел, да бидам покрај тие дечиња, да им помагам и да се грижам за нив како што се грижеа медицинските сестри и докторките за мене додека јас се лекував. А со волонтирањето се разбира дека ќе продолжам бидејќи тоа е една од работите која најмногу ме исполнува.
„Нешто без кое нема јас да бидам јас е волонтирањето во САНО и на Детската клиника“, вели за крај Теодора која слободното време го исполнува дружејќи се со пријателите, чита книги и слуша музика. Обожува да патува и да открива нови места и кутури, и сака авантури.
*Љубица Иванова