Ти го заслужуваш најдоброто и на таквите како тебе Господ секогаш им помага: Панчо ДНК со емотивна објава за Стефонатор
Еден од највлијателните јутјубери во нашата држава, Стефан Рашковиќ, попознат како Стефонатор, своите обожаватели ги остави без зборови по потресната исповед што ја објави на својот Јутјуб канал. Имено, тој откри дека веќе неколку месеци се бори против невидливиот непријател - туморот на тестисите.
Видеото во кое ја раскажува голготата низ која поминува веќе има повеќе од 50.000 прегледи, а во овој момент освен поддршката од своите обожаватели, ја има поддршката и од многу познати личности.
Еден од нив е и познатиот пејач Владимир Блажев, попознат како Панчо - ДНК. Тој на својот Инстаграм профил, сподели стори преку кое му ја даде својата поддршка на младиот јутјубер.
„Едноставно е невозможно да не го сакаш ова добро, воспитано и креативно дете кое знае да почитува и цени. Дете кое постави многу стандарди на македонската јутјуб сцена и воедно стана тоа што е без ниту една драма или напаѓање на „колеги“. Ова дете е позитивен идол на младите во вистинска смисла на зборот од кого можат да научат нешто од него, а не да гледаат циркузи и евтини бљувотини како кај некои самопрогласени „најдобри“ јутјубери. Стеф ти го заслужуваш најдоброто и на таквите како тебе Господ секогаш им помага. Знаеш дека јунаците на мака се познаваат, а ти не само што си јунак, ти си ИДОЛ на многу млади, но и постари генерации. Сите сме со тебе и заедно ќе го поминеме тој „проблем“. Еве ви на сите едно освестување дека здравјето е најбитно, се друго е пролазно. Затоа сакајте се, простете си, бидејќи денес сте тука, утре веќе не.“ - напиша Панчо во објавата.